Јапонската економија падна во првиот квартал под влијание на новиот бран на пандемијата на коронавирусот, кој ги погоди големите градови и со тоа ја намали потрошувачката, покажа владин извештај објавен денеска.

Јапонскиот бруто домашен производ (БДП) падна за 1,3 проценти во првите три месеци од оваа година во однос на претходниот квартал, кога порасна за 2,8 проценти.

На годишно ниво падна за 1,4 проценти, по падот од 5,8 проценти во последниот квартал од 2020 година.

Годишната стапка покажува пад на активноста од 5,1 процент во првиот квартал, по скокот од 11,6 проценти во претходните три месеци.

Овој индикатор се користи само во САД, Јапонија и Канада и покажува колку би паднале или зголемиле активностите доколку наназад една година во секое тромесечје паднале односно растеле со исто темпо во последните три месеци.

Јапонската економија на тој начин повторно падна на почетокот на годината, по два квартали раст, поради вонредната состојба во 10 префектури, вклучувајќи го и Токио, која Владата ја воведе за да запре новиот бран на коронавирус што се шири пред Олимписките игри.

Вонредната состојба сè уште е во сила во девет префектури, вклучувајќи го и Токио, а експертите предупредуваат дека заразните видови на вирусот се шират многу брзо, пред сè поради екстремно бавната вакцинација на граѓаните, која почна кон средината на февруари.

Личната потрошувачка, главна компонента на БДП, падна за 1,4 проценти во првите три месеци од оваа година во однос на претходниот квартал, кога порасна за 2,2 проценти.

Намалени се и инвестициите за 1,4 проценти, по зголемувањето од 4,3 проценти на крајот на минатата година.

Извозот порасна за 2,3 проценти трет квартал по ред, а увозот четири проценти, покажува владиниот извештај.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2021 14:20