Во организација на Фондацијата за стрелаштво и Институтот Јунус Емре од Турција, на 17 и 18 маj во Арабати Баба Теќе во Тетово, со спонзорство на Халкбанк АД Скопје, се одржа турнир во традиционално стрелаштво - Меѓународен балкански Куп, во кој учество зедоа над 100 спортисти од 7 балкански земји - Албанија, Македонија, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
На церемонијалниот дел на Турнирот, официјално обраќање имаше и главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје, Билал Суџубаши, кој истакна дека Халкбанк како поддржувач на спортот и на традицијата, со задоволство го поддржува овој Балкански турнир во стрелаштво.
Фондацијата за стрелаштво Окчулар (стрелци) работи на разбирање на спортот на предците, особено на стрелаштвото, и негово поврзување со националните, историски, спортски, уметнички, културни и образовни квалитети, како и негово усвојување како културна свест. Фондацијата исто така настојува да ги едуцира и да ги поддржува финансиски и морално спортистите.
„Теќето во Тетово има многу важно значење во однос на нашата заедничка историја. Оттаму и идејата за организирање турнир за традиционално стрелаштво во кој учество ќе земат претставници од сите земји од балканскиот регион, токму тука во Тетово“, изјавија од Фондацијата.
Најдобрите натпреварувачи добија можност да учествуваат на 9-тиот Меѓународен Фетих Турнир, еден од најпрестижните меѓународни натпревари по традиционално стрелаштво, кој ќе се одржи од 26 до 29 мај во Истанбул по повод одбележувањето на годишнината од освојувањето на Истанбул.