Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите го одбележа 18 мај – Меѓународниот ден на музеите востановен на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ), одржано во Москва во 1977 година. Во рамките на одбележувањето беа одржани презентации на темите „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузивност“ и „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“, и беа доделени наградите по повод денешниот ден.

На денешниот настан кој се одржа онлајн порака испрати и министерката за култура, Ирена Стефоска, која сподели дека државите имаат голема улога да ги поддржат музеите во овој тежок период преку амбициозна културна политика, не само да го гарантираат нивниот опстанок, туку и да ги подготват за иднината.

– Музеите по дефиниција се чувари на материјалното и на духовното културно наследство, но, денес улогата на музеите не е само да бидат чувари, туку и репрезенти на нашата култура и традиција. Музеите се и најатрактивната дестинација за странските посетители. Од нив тие се информираат и го креираат впечатокот за нас. За таа улога ние мораме да се подготвиме, мора да ги модернизираме музеите, свесни дека ќе почнеме од подрумите, покривот кој прокиснува, до постапките, но, таа е вистината, рече Стефоска која дополни дека во светот музеите се и извор на големи приходи.

Оливера Џартовска Тачевска, претседател на МНК Син Штит, истакна дека музеите не се имуни на сериозните економски, социјални и психолошки реперкусии кои настанаа како последица на пандемијата. – Се соочуваат со затворени музејски сали, забранет директен контакт на посетителите со музејските експонати и музејските приказни, а културната порака која тежнееме да ја емитуваме во јавноста мора да биде обликувана во нова, виртуелна форма за да може да послужи во односот со заедницата, посочи Тачевска.

На неа се надоврза и Кристина Бицева, потпретседател на МНК ИКОМОС која кажа дека пандемијата и затвореноста ни покажаа и колкава е всушност потребата за културата, а музеите кои се обидоа да бидат инвентивни и иновативни во изнаоѓањето на начини и можности сепак да бидат тука за своите посетители. – Тука сме да нудиме свои стручни видувања, да се бориме за запазување на професионалните стандарди, да даваме нови идеи, да бидеме конструктивни, но и критички. Токму во оваа насока е и денешното советување на МНК ИКОМ кое ќе се фокусира на иднината на музеите преку нивното пост-пандемиско закрепнување и реинтепретација, посочи Бицева.

Маја Чанкуловска-Михајловска, претседател на МНК ИКОМ, истакна годишните теми на ИКОМ се однесуваат на промените кои што треба да се дискутираат за прогресивен пристап за новото дигитално доба, потреба која, како што кажа, стана очигледна реалност, минатата година. – Она на што денес се фокусира мноштвото од новите прашања е градење на иднината на музеите, не само за нивна поинаква достапност во јавноста, преку интернет содржини, туку и подигнување на свеста за солидарност и соработка врз основа на лекциите кои ги научивме изминатата година и како да се подготват музеите за нова неочекувана криза, сподели Михајловска.

Во рамките на настанот се одржаа презентации на тема „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузивност“ на кои музејски работници ги споделија активностите. Помеѓу говорниците беа Ирена Ружин од НУ Завод и музеј Битола, која го претстави Мултисензорно искуство за посетителите во Н.У. Завод и музеј Битола. Маја Димитрова од НУ Национална галерија на Р.С.Македонија го презентираше проектот „Јас и ти, едно сме!“ а Фросина Лазаревска ги претстави актиностите на НУ Музеј Куманово.

Втората тема на која што музејски работници ги презентираа активностите беше „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“ на која Ана Франговска од НУ Национална галерија на Р.С.Македонија, го долови функционирањето на музеите во време на криза и нивно реконципирање, Драган Величковски од ЛУ Градски музеј Крива Паланка ја претстави мрежата на локални музеи и иднината на локалните музеи, додека, Перо Арџанлиев, секретар на МНК ИКОМ, ја претстави Црвената листа на ИКОМ, алатка за борба против илегалната трговија со културно наследство. Маја Чанкуловска-Михајловска, претседател на МНК ИКОМ, во вториот дел ја проследи Информација за процесот на новата музејска дефиниција која е сè уште во изработка.

Повеќе од педесет години, музеите низ целиот свет го одбележуваат 18 мај како Меѓународен ден на музеите.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2021 22:28