Јогата нуди многу придобивки за возрасните, но и за децата. Јогата може да им помогне на малечките подобро да се концентрираат, а со тоа и да учат подобро. Уште повеќе, длабокото дишење им помага да се смират, опуштат и да се ослободат од стресот и стравовите.
Зошто јогата е добра за децата? Го подобрува физичкото и психичкото здравје на децата и влијае на нивниот развој. Кај деца на училишна возраст, тоа ја подобрува силата, стабилноста и координацијата, а исто така, влијае и на подобрување на концентрацијата, помнењето и намалувањето на стресот. Одредени истражувања покажаа дека јогата помага и кај одредени состојби кај децата како што се хиперактивност и аутизам.
Јогата за деца се изведува на ист начин како и јогата за возрасни… Потребно е само да се осигурате дека позициите се изведени правилно.
Но, како прво, јогата треба да биде забавна активност на која децата секогаш ќе се навраќаат. Може да направите игра од јогата, само треба да бидете малку креативни. На пр., може да создадете приказна за секоја една поза. Приказните може да бидат и поврзани како во продолженија.
Научете ги децата да ги прават позите така што прво ќе им ги покажете, за потоа и да ве следат. Исто така, обидете се со техники за дишење и медитација и – забележете како детето реагира.
Јога пози за деца: 1. „Крава – мачка“
Оваа поза е одлична за ‘рбетот, а децата преку неа можат да се идентификуваат со омилените животни, имитирајќи ги. Тука треба да се спуштите на колената и на рацете, а потоа со вдишување го кревате погледот пред себе и вдишувате со полни гради… Потоа, со издишувањето, брадата се спушта до градите и карлицата се повлекува.
2. „Воин 2“
Позата на воин е едноставна, па децата, повторно, можат да уживаат во оваа улога. Раширете ги нозете и подигнете ги рацете настрана, така што ќе бидат паралелни со подот и дланките да бидат свртени кон подот. Ставете ја задната нога рамна со крајот на подлогата и насочете ја предната нога нанапред така што предните прсти да бидат свртени кон работ на подлогата. Свиткајте го предното колено и рамената мора да останат веднаш над колковите. Задната нога останува рамна и цврсто на земјата.
3. Поза „дрво“
Ова е поза која бара стабилност и рамнотежа, истовремено подобрувајќи ја положбата на вашто тело и ве опушта. Стоите исправено и ја виткате едната нога за да ја поставите над коленото на другата нога и да ја притиснете во неа. Ако ова е невозможно, ногата може да се постави и малку пониско. Рацете може да се преклопат над главата или над градите.
4. „Среќно бебе“
Децата ја сакаат оваа поза зашто им е забавна, а покрај тоа, таа го масира грбот, ги отвора колковите и го смирува умот. За оваа поза, децата лежат на простирка и ги креваат нозете собрани во колената. Потоа, малечкото со рацете ги фаќа рабовите на стапалата и полека ги повлекува нозете кон градите. Колената се опуштаат и доаѓаат до рамената. Штом дојде во оваа поза, детето можат да се лула напред-назад и лево-десно.
Заклучок: Јогата за деца има многубројни здравствени, но и психолошки придобивки. Таа позитивно ќе влијае на нивната сила, како и на концентрацијата и намалувањето на стресот. Јогата за деца може да биде и многу забавна игра.