Поранешниот претседател на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) Макс Мозли, почина на 81-годишна возраст, соопшти денеска поранешниот прв човек на Формула 1 Берни Еклстон.
Тој додаде дека Мозли починал во неделата, не наведувајќи ја причината за смртта на својот долгогодишен соработник.
– Тој ми беше како член на семејството. Бевме како браќа. На извесен начин ми е мило, бидејќи предолго се мачеше, изјави Еклстон.
Мозли беше на чело на ФИА во три мандати од 1993 до 2009 година, и во тој период воведе реформи во безбедносните процедури во Формула 1, по смртта на бразилскиот возач Аиртон Сена во 1994 година.