Студиите покажаа дека секоја десетта личност со Ковид-19 развива симптоми на долга манифестација на болеста, но формалните насоки за дијагностика за потврдување на долг Ковид не се уште подготвени.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и некои други здравствени установи работат на тоа, но сè додека не се изготват упатствата, секој што е загрижен за своето здравје треба да се советува со својот матичен лекар, пренесува Хина.

Имено, симптомите се различни и слични на други болести, па затоа не е лесно за лекарите прецизно да ги дефинираат.

Од досегашното искуство, епидемиолозите заклучија дека ковидот може да влијае на речиси кој било орган во телото, но не знаат дали симптомите на долг ковид се предизвикани директно од вирусот или се резултат на стресот и траумата што ги носи инфекцијата.

Следат десетина познати начини на кои пациентите можат да бидат погодени од долг Ковид:

Магла во глава – секој петти пациент доживеал „магла во главата“ до шест месеци по закрепнувањето од Ковид, без оглед дали бил хоспитализиран или не. Ова го покажа мета-анализа на 51 студија за ковид. Магла во глава се манифестира различно како збир на симптоми. Најчесто, ова е комбинација на проблеми со краткотрајна меморија, концентрација или потешкотии при наоѓање зборови за време на разговор.

Замор – Дури 60 проценти од хоспитализираните пациенти доживуваат замор во мускулите и слабост и шест месеци по ковид, покажа обемна кинеска студија. И гореспоменатата магла во главата и заморот се одлики на синдромот на хроничен замор.

Проблеми со спиењето – еден од пет пациенти има проблеми со спиењето и шест месеци по болеста, покажа мета-анализата на 51 студија.

Плитко дишење и постојана кашлица – ова се вообичаени симптоми кои се јавуваат од еден месец до половина година по закрепнувањето од ковид, покажа студија спроведена на 73 илјади американски воени ветерани.

Срцеви проблеми – палпитации и аритмии се исто така чести симптоми шест месеци по ковид, покажа истата студија. Таквите пациенти, исто така, имаат зголемен ризик од развој на срцеви заболувања, миокардитис, атеросклероза и згрутчување на крвта шест месеци по болеста.

Невролошки симптоми – третина од пациентите кои страдаат од долг ковид страдаат од нив. Овде се вклучуваат нарушувања на расположението, како што се анксиозност и депресија.

Губење на мирис – кај околу една третина од оние кои го изгубиле сетилото за мирис со ковид, не се вратило два или повеќе месеци, откри помало американско истражување.

Проблеми со варењето на храната – Според кинеска студија, повеќе од 40 проценти од хоспитализираните пациенти доживеале проблеми со губење на апетит, гадење, рефлукс на желудник и дијареја три месеци по примарната инфекција.

Притисок во градите и болки во зглобовите – ова е најчестиот проблем бидејќи се јавува кај 90 проценти од луѓето кои страдаат од долг ковид покажа студија објавена во декември. За некои од нив, симптомите траеле до седум месеци.

Дијабетес и заболување на бубрезите – Според студија спроведена на воени ветерани во САД, долгиот ковид носи 39 отсто поголем ризик од развој на дијабетес во текот на шест месеци по инфекцијата. Исто така, постои зголемен ризик од развој на акутно заболување на бубрезите.

Други симптоми – пациенти кои страдаат од долг ковид, пријавиле други симптоми кои научниците сè уште не ги потврдиле во големи студии, како што се значително опаѓање на косата, осип на кожата, неправилна и болна менструација или тинитус (зуење во ушите).



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2021 13:43