Императив во кризата ни беше да ги сочуваме работните места. Успеавме да спасиме отприлика 80 илјади работни места. Имавме пад на БДП од 4,5 проценти, а ако не беа мерките, нашиот пад би бил 8,7 проценти. Мерките ги дадоа очекуваните резултати, оценува вицепремиерот за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции Фатмир Битиќи.

Вели дека мерките биле носени на секои три месеци следејќи ги тековите во економијата. Се согласува дека некогаш тие не доаѓале навреме до граѓаните, но смета дека во време на криза најважно е да преовлада разумот кај сите политички чинители.

– Ние сме единствена земја, не само на Балканот, туку и пошироко, во која немаше разум. Влеговме во здравствена и економска криза, а се однесувавме неразумно како да живееме во мирнодопски моменти. Во Грција на пример, опозицијата се однесуваше разумно затоа што сметаше дека животот на граѓаните е најважен и дека во пандемија не сакаш да покажеш кој е попаметен и подобар политичар и дека за политички мегдан има време. Се согласувам дека некогаш мерките не доаѓаа навремено кај нашите граѓани, но сигурно се сеќавате дека јас повикував речиси секој втор ден дека на нашите пратеници кои се изгласани од граѓаните им се потребни само пет секунди да го кренат зеленото картонче и да ги изгласаат мерките. Замислете, пет секунди да се поважни од еден човечки живот. Јас тоа не можам да го разберам и никогаш нема да го разберам, истакнува Битиќи.

Во интервјуто, говори и за системските недостатоци што ги изнела пандемијата мислејќи на неформалната економија на чие сузбивање не се работело низ годините, за очекувањата од Интервентниот инвестициски план и од анализата за увозот на мазут, за странските инвестиции, како и за можностите што треба да им се дадат на младите.

Следува целото интервју со вицепремиерот Битиќи:

Пандемијата ни го смени животниот тек на сите. Се одрази врз здравјето, но и врз економијата. Економските показатели во последниот период се позитивни. Дали можеме да кажеме дека македонската економија полека закрепнува?

– Навистина жалам за се што ни се случи од здравствен аспект со пандемијата, за изгубените животи. За жал, тоа што ни се случи од здравствен аспект, не можеме да го надополниме. Среќен сум што денес здравствената криза полека стивнува и што податоците кои доаѓаат оттаму даваат одреден оптимизам. Од првите денови кога го добив мандатот укажував дека при самото креирање на мерките треба малку да бидеме трпеливи, да си веруваме еден на друг, дека заеднички ќе изнајдеме начини да излеземе од економската криза и дека се ќе надокнадиме и тоа многу побргу отколку што некои веруваа. Во суштина сметам дека резултатите кои доаѓаат се навистина позитивни. Во април индустриското производство бележи околу 46 проценти пораст споредувајќи со април претходната година. Некој ќе каже лесно е да се споредува со месецот кога го имавме најголемиот пад. Се согласувам, и затоа ако споредиме со април 2019 година, ние сме приближно до тоа што го имавме тогаш. Сеуште сме отприлика 6,7 отсто пад на индустриското производство, но ако го земеме кумулативно јануари-април 2019 и јануари – април 2021 година некаде сме околу 2- 2,5 проценти пад на индустриското производство. Но, она што е клучно е дека има тенденција на поврат, односно се враќаме на една од најдобрите години, а тоа е 2019 година. Тоа укажува дека нашата економија закрепнува.

Има уште неколку други податоци кои би сакал да ги кажам. Народната банка укажа на одредени важни параметри, а тоа е дека на крајот на април вкупните пари во оптег се зголемени за 9,4 проценти, вкупните кредити се зголемени за 5,7 проценти и вкупните депозити се зголемени за 6,9 проценти. Просечната плата во март 2021 година е зголемена за околу 6,8 проценти споредбено со март претходната година. Ова се позитивни резултати, но она што мене ме радува е и враќањето на оптимизмот и во економијата, но и кај граѓаните.

Друг момент кој треба да го имаме предвид за закрепнувањето на економијата е однесувањето на другите економии. Ние сме зависна економија од другите поразвиени економии како што се Германија, Велика Британија и.т.н. Како што таму се олабуваат одредени сегменти на живеење и економијата почнува да заживува, тоа се чувствува и кај нас. За жал, сеуште не сме во сегментот кој би го посакувале, но она што се случува е дека со различните иницијативи кои ги презедовме, укажавме дека сме свесни што се случува и сме подготвени да ги искористиме можностите.

Како Влада во време на криза донесовте шест пакети мерки како за поддршка на стопанството, така и за поддршка на граѓаните. Сепак имаше реакции од опозицијата дека мерките се ненавремени, дека има слаба реализација… Ваш став околу ова и дали Владата е подготвена да креира нови пакети на мерки доколку има потреба од такво нешто?

– Како што се закрепнува полека здравствената криза и влегуваме во фазата на опоравување, се прават анализи кои се ефектите од мерките. Прво, ние сме една од земјите во Западен Балкан која во континуитет има донесено мерки за спас на стопанството. Ги носевме мерките на секои три месеци следејќи ги тековите во економијата и одговаравме навремено. Но, сме единствена земја, не само на Балканот, туку и пошироко, во која немаше разум. Влеговме во здравствена и економска криза, а се однесувавме неразумно како да живееме во мирнодопски моменти. Во Грција на пример, опозицијата се однесуваше разумно затоа што сметаше дека животот на граѓаните е најважен и дека во пандемија не сакаш да покажеш кој е попаметен и подобар политичар и дека за политички мегдан има време. Се согласувам дека некогаш мерките не доаѓаа навремено кај нашите граѓани, но сигурно се сеќавате дека јас повикував речиси секој втор ден дека на нашите пратеници кои се изгласани од граѓаните им се потребни само пет секунди да го кренат зеленото картонче и да ги изгласаат мерките. Замислете, пет секунди да се поважни од еден човечки живот. Јас тоа не можам да го разберам и никогаш нема да го разберам.

Ако ги гледаме бројките – ние донесовме шест пакети мерки, околу 1,2 милијарди во кои имаше директни буџетски средства. Според анализите направени на 31 декември 2020 година, ние бевме на 75 проценти од спроведеност на мерките. Притоа, ефектот што го дадоа мерките е намалување на падот од 4,2 проценти или поинаку кажано имавме пад на БДП од 4,5 проценти, а ако не беа мерките, нашиот пад би бил 8,7 проценти. Секако, 4,5 проценти пад е лош резултат, но споредбено со регионот, ние сме убедливо со најмал пад. Црна Гора имаше пад од 15 проценти, Косово од 12 и Албанија приближно 10 проценти. Ако се споредуваме со земјите од ЕУ, ние сме трети што значи дека само две европски држави се пред нас.

Второ, успеавме да спасиме отприлика 80 илјади работни места. Тоа и ни беше императив. Без помошта што беше дадена низ различните мерки, очекувањата беа дека ќе бидат изгубени 80 илјади работни места. На крајот на годината имавме отприлика 16 илјади работни места изгубени заради Ковид, а во април 19.300 работни места изгубени заради Ковид.

За жал, морам да кажам дека падемијата изнесе на површина и некои системски недостатоци. Притоа, мислам на неформалната економија на чие сузбивање не се работело низ годините. Еден сегмент на нашето население кое било дел од неформалната економија увиде дека државата нема механизам за да му помогне и влезе во системот, во Агенцијата за вработување. И јас се радувам дека од тој аспект некои работи ни се придвижија затоа што сметам дека денес секој треба да е свесен што значи да ја помагаш неформалната економија. Треба сите до еден да се бориме против неформалната економија. Кога си дел од формалната економија има механизми како државата ќе им излезе во испомош на овие лица.

Викендот, премиерот го презентираше Интервентниот инвестициски план во кој се предвидени инвестиции во повеќе области. Овој инвестициски план се гледа и како еден постковид чекор за закрепнување на македонската економија. Што конкретно значи овој план за домашната економија?

– Во сите наши анализи и во анализите на светските институции се укажува дека освен мерките што се донесоа за спасување на економијата, во постковид периодот мора да се размислува што е она што ќе даде поттик на економијата, што сите гранки во економијата ќе ги крене. Како Влада напоредно со носењето на мерките за справување со пандемијата, овие осум месеци работевме на привлекување на инвеститори, на креирање на систем со кој ќе поттикнеме дополнителни приватни инвестиции.

Интервентниот инвестициски план 2021-2027 следи неколку стратешки документи – политиката на Европската унија, а тоа е рамката на поддршка на Европската Унија преку ИПА 3 (2021-2027), Европската инвестициона агенда, како и нашата долгорочна Стратегија за раст и развој. Интервентниот план е околу 8 милијарди евра, но кажавме дека тој е динамичен и на него ќе се надоградуваат други инвестиции како што доаѓа времето. Има осум области – во секторот енергетика се најголемите инвестиции околу 3,1 милијарда, во патната и железничката инфраструктура 2,7 милијарди, околу 800 милиони се за преработувачката индустрија која е доста важен сегмент за нашата економија, потоа 300 милиони се во малопродажната мрежа, 500 милиони во јавното здравство, 500 милиони во комуналната инфраструктура, 200 милиони во туризмот…

Во делот на комуналната инфраструктура би сакал да кажам дека е жално што во 2021 година се уште зборуваме за вода за пиење, канализациски мрежи и пречистителни станици. Навистина се изгубило премногу време – 30 години тапкаме во место и зборуваме дали треба или не треба да имаме чиста вода за пиење. Сметам дека овој план укажува дека нема компромис, дека ќе обезбедиме онолку пари колку што е потребно за да ги решиме овие проблеми во наредните неколку години. Ако би имал механизам сето ова да го решам до Нова година, би го решил, но немам и затоа треба одредено време. Но, укажувам дека нема да има никакви отстапки и компромиси дали треба да се најдат или не пари. Јас сум еден од оние гласноговорници кои велат – ако треба ќе се задолжиме само на граѓаните да им ги обезбедиме елементарните потреби.

Втората порака е дека не е само план. Ние ја креираме и единицата за следење на инвестиции, централно тело кое ќе осигура дека сево ова ќе биде спроведено – и од аспект на навременост, процедури, елиминирање на сите можни бирократски грешки и потешкотии.

Интервентниот план ќе се спроведе до последен момент затоа што секоја една инвестиција значи подобар живот. Но за тоа треба разум. Друго е да водиме политичка битка, друго е да бидеме разумни за подобар живот на граѓаните.

Во Интервентниот инвестициски план она што паѓа во очи се инвестициите во обновливите извори на енергија. Конкретно мислам на фотоволтаичната централа која треба да се гради на локацијата каде што требаше да биде карго аеродромот во Штип. Таа е планирано да биде од сопствени средства како домашна инвестиција или како јавно-приватно партнерство. Што значи една ваква фотонапонска електрана за нашата држава?

– Капацитетот на оваа фотонапонска електрана ќе биде најмалку 350 мегавати или поинаку кажано тоа се два блока на РЕК Битола кои денес работат на јаглен. Ние може да кажеме дека сеуште треба да работиме на јаглен, но кога ќе дојде декември треба да ги прашаме нашите сограѓани од Битола колку им е лесно да дишат. Можеби енергијата произведена од фотонапонски електрани е малку поскапа, но со сигурност е поздрава затоа што на крајот на денот само една работа не може да се купи со пари, а тоа е здравјето. И затоа рековме дека ќе се изгради. Носител ќе биде ЕСМ и ќе бараме да најдеме начини на финансирање. Сеуште моделот го немаме разјаснето – дали ќе биде ново задолжување или преку други форми. Но едно е сигурно, а тоа е дека ќе се стопанисува од нашата компанија и ќе оди во прилог и на Буџетот и ќе биде извор од одржливи извори на енергија. Парарелно со ова имаме и други инвестиции во енергетиката затоа што ние сме предодрени дека ќе го следиме зеленото сценарио и дека тука нема компромис. Ќе ја направиме трансформацијата од јаглен кон обновливи избори. Во транзитниот период сите блокови од термоцентралите ќе работат на гас се додека новиот енергенс не се појави на пазарот, а тоа е водородот кој е енергенсот на иднината. Ако сега не го направиме, за 10 години ќе немаме за кого тоа да го направиме. Зелената агенда не се покажува на никаков начин, освен со дела.

И покрај тоа што во Интервентниот инвестициски план планирани се инвестиции во повеќе сектори, дали според Вас има некој сектор кој треба да биде двигател во следниот период?

– Кажав дека еден солиден сегмент од Интервентниот план за инвестиции е сегментот на производство затоа што сметам дека преку оваа интервенција ние полека влегуваме во реструктуирање на нашата економија и на секторите кои придонесуваат во БДП. Енергетиката со сите инвестиции ќе заземе значителен дел во целата структура на економијата и производниот сектор ќе заземе поширок дел од нашата структура во економијата. Колку за споредба, нашата економија во овој момент, 65 проценти зависи од приватната потрошувачка, 10 проценти од јавната потрошувачка и останатото е производство и извоз. Економија во која 20 проценти опфаќа преработувачкиот сегмент не е економија која би требало да каже колку сме ние битни. И ние тоа мораме да го смениме. Да прераснеме во економија со која ќе не препознаваат како земја на можности, на стартапи, земја која е еднакво конкурентна со сите други по она што го произведуваме.

Се најавуваше ребаланс на Буџетот кон средината на годината. До каде се анализите и кога може тој да се очекува?

– Се прават последните консултации со сите министерства и јавните институции. Мислам дека многу набргу, наредните 10-тина дена би требало да се случи. Нема да има премногу изненадувања. Стандардно тоа што го покажавме е дека домаќински се грижиме за јавните средства. Таму каде што навистина нема можност да се спроведат одредени проекти, ќе се скратат и ќе се алоцираат средствата. Секако може да се алоцираат и во сегментот на поддршка на стопанството затоа што одредени показатели покажуваат дека можеби ќе треба уште еден период да има мерки. Поддршката на стопанството повеќе ја гледам како поддршка за креирање на додадена вредност, а не само како давање на помош за справување со последици. Буџетот ќе биде во насока на поддршка на развојот и опоравувањето.

Кај државните институции имаше кратење на буџетите и во ковид кризата. Дали сите институции подлежеа на вакво кратење и по кој критериуми се изврши тоа кратење?

– Тогаш за сите имаше забрана за стоки и услуги. Сега се оди по принципот дека секој е одговорен за буџетот и тој треба да каже дали и што навистина ќе изреализира. Овде секогаш имаме дискусија во јавноста. Начинот на креирање на буџетите досега во земјава беше историски – ако минатата година сме ги имале истите категории, следната година ќе додадеме 10 проценти заради потребите… Ние го менуваме пристапот на креирање на буџетот. Тоа е креирање на буџет од вистинските потреби. Но, тоа не може да се направи преку ноќ. Треба одредено време и веројатно многу скоро за две до три години ќе дојдеме до начин на креирање на буџет кога ќе зборуваме за 100 процентно различен буџет од тоа што сме го имаме пред пет години. И тогаш нема да зборуваме за приоритетни и неприоритетни работи, туку за ургентни и помалку ургентни работи. Агенциите и институциите располагаат со буџетот и тие треба да бидат добри домаќини, добри менаџери и да кажат ова е возможно, ова не е возможно и тоа што ќе го ослободат, ќе го дадат онаму каде што навистина е потребно.

Како Влада во криза не ги заборавивте и медиумите. И за нив беа креирани мерки за поддршка за нормално функционирање. МИА е под државниот буџет, но кај неа скратени се средствата за нормално функционирање. Зошто во овој случај на МИА не се гледаше како на медиум?

– Јас стојам на ставот дека праведно и правично мора да постои, дека сите мора да се третираат еднакво и во разговори со директорот укажавме дека ќе се излезе во пресрет за се што се е потребно за нормално функционирање, но притоа ако се испостави дека во овој момент нешто е приоритетно или навистина ни недостигаат пари, ќе го алоцираме таму, но ќе надокнадиме на друг начин.

Се радувам кога ќе видам дека оваа агенција се издигна на ниво на својата задача. Тоа што било пред 10 години би сакал да го заборавиме но, сметам дека тоа што секојдневно го правите е за поздрав и се радувам што имам една таква агенција во мојата држава. Секако ќе ве поддржиме и понатаму да бидеме репрезент затоа што навистина вие сте први пред странците кога ја гледаат нашата држава.

Во време на пандемија некако како да замреа странските инвестиции не само кај нас, туку и во светот. Дали има најави за нови странски инвестиции?

– Има една промена во начинот како ги третираме инвеститорите, а тоа е дека ние не сакаме да објавуваме имиња се додека тие не кажат дека сакаат да се објави нивното име. Не можам да објавам имиња затоа што со сите имаме потпишано договор за доверливост. Ниту јас, ниту Дирекцијата за технолошко-развојни зони нема потпишано договор без тоа да биде јавно објавено и тука е разликата. Во одреден момент кога двете страни ќе се договориме и кога компанијата ќе каже потпишуваме договор, ќе ја објавиме со име, ќе го објавиме видот на поддршка и детали за поддршката. Она што ме радува е дека сите овие инвестиции креираат додадена вредност во нашата земја. Сите овие инвестиции имаат платени работни места најмалку за 50 проценти повеќе од минималната плата. Нема ниту една од овие инвестиции со кои разговараме да им дозволиме да плаќаат плати од 9.000 денари. Заврши ерата на креирање на сиромашни работни места. Поттикнување на сиромаштија не е наша цел. И затоа ќе ги користиме јавните ресурси за поддршка на странските инвестиции ако има додадена вредност, односно ако има високо платени работни места и ако производите имаат додадена вредност за нашата економија. Така ќе ги задржиме и младите во државата.

На младите не им треба ништо друго освен да им дадеме можност. Тие подобро од нас знаат како се користи таа можност. Минатата недела бев на настан со повеќе компании, но две ми оставија впечаток. Двете компании се во сегментот на користење на вештачката интелигенција и високата технологија. Едните имаат направено вештачка рака, а другите апарат кој во реално време ја следи работата на срцето. Тие ќе ја претставуваат нашата земја на Дубаи експо затоа што тоа е наша задача. Нивните експонати ќе бидат на централно место на нашиот штанд во Дубаи затоа што тие се нашата иднина. Не треба јас да отидам таму, нека одат тие, нека ги продадат своите производи. Тоа е креирањето на можности.

Мислам дека бевте првата Влада која на исто рамниште ги ставивте и странските и домашните инвеститори околу поделбата на државната помош. Сепак имаше забелешки дека поделбата на државната помош треба да биде потранспарентна и дека е потребно таа да оди кон оние компании кои ќе излезат со јасни планови. Дали се размислува државната помош да биде систематизирана односно да се дава од едно место со што би се имало поголема транспаретност при поделбата на државната помош?

– Од првите денови на Владата предводена од СДСМ сме укажале дека без разлика дали е домашна или странска инвестиција мора подеднакво да се третира затоа што на крајот на денот оние креираат вредност. Се согласувам и околу транспаретноста. Неодамна имавме еден извештај во кој нивото на транспаретност на сите јавни институции особено на тие кои работат со сегментот на давање државна помош навистина е подобрен. Но каде е крајот? Транспарентноста нема крај, секогаш има поле на подобрување. Она што го прашавте дали има централно место, би кажал дека за разлика од претходно кога имавме неколку министри без ресор кои работеа на сегментот на странски инвестиции, сега има централизирано тело. Целото портфолио на инвестиции е под капата на Кабинетот на заменик – претседателот на Владата за економски прашања кој го водам и имам две институции кои се оперативни тела а тоа се Дирекцијата на ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Тоа се единствените тела каде инвеститорите треба да побараат поддршка.

Новина е што во изминатите девет месеци работевме на воспоставување на единствен центар за контрола на државната помош. Заедно со Светска банка работиме на креирање на овој систем. Нашиот план е до јануари 2022 година да го креираме системот. Исходот од тоа ќе биде 11 процеси на 11 различни институции кои даваат државна помош да биде дигитализиран со цел на 1.1. 2023 година процесот на добивање на државна помош да биде без хартија. Тоа значи ќе се елиминира можноста на човечкиот фактор да интервенира во системот.

Она што граѓаните ги интересира е отворањето на ЛИДЛ маркетите. Има ли најави кога тоа ќе се случи?

– Имав состанок со тимот и во суштина се прават последите подготовки. Тоа е голема инвестиција и требаат поприлично многу подготовки. Но, она што е клучно е дека ние не ја третираме само како инвестиција со која доаѓа еден голем бренд во земјава. Во овој момент преговараме со нив дали нашите производи ќе станат дел од ланецот на набавка на ЛИДЛ, дали преку влегувањето на ЛИДЛ во нашата земја ќе успееме производите кои се произведуваат кај нас да ги ставиме во глобалниот синџир на ЛИДЛ. ЛИДЛ е важен затоа што ќе донесе некои продукти кои во моментот можеби ги немаме, но за нас е битно нашите продукти да станат дел од ланецот на ЛИДЛ. Мене ќе ми биде задоволство да видам наши домати да се продаваат во ЛИДЛ во Германија. Се надевам дека до крајот на годината веќе ќе излезат првите резултати затоа што за да отворат маркет мора да направат голем дистрибутивен центар од кој потоа ќе ги снабдуваат своите маркети. Така што не би зборувал за рокови, но тие сакаат побрзо да се започне. Секако, ова е стратешка инвестиција која ќе заврши во Собранието и таму ќе ни треба поддршка од сите за да оваа инвестиција се случи.

Неодамна бевте во посета на Косово и Србија. Се залагате за јакнење на регионалната соработка и заеднички настап на европскиот и светскиот пазар и тоа го гледате како еден начин за излез на регионот од кризата. Колку една ваква идеја е значајна за регионот и дали има одѕив од останатите држави?

– Циклусот на разговори го почнав со Црна Гора при посетата на вицепремиерот на Црна Гора кој беше во Скопје. Тогаш ја почнав идејата со него и потоа продолжив со Србија и Косово и следниот период ќе продолжам и со другите земји. Мојата посета има една агенда. Јас велам регионална конкурентност наместо регионална конкуренција. Јас сум човек кој не верува дека стануваш подобар со тоа што си конкуренција со друг ако заеднички живееш. Верувам дека кога ќе ги здружиме силите, стануваме поконкурентни, а кога си поконкрентен, тогаш си подобар, се живее подобро. Периодот на пандемија покажа дека ние сме премногу ранливи и лесно можеме да бидеме погодени од најмалиот потрес. Толку сме мали што ако една фабрика во Германија се затвори, овде дел од економијата запира. И кога си толку мал, мора да видиш како да бидеш поконкурентен. Сите соседи конкурираме кон едни исти инвеститори. Велам дека не е важно каде ќе дојде инвеститорот, важно е каде е вредносниот ланец, каде се добавувачите на овој инвеститор, дали се во Кина или во Западен Балкан. Има навистина добар одѕив од министрите од регионот кои велат ајде да седнеме и да ги усогласиме политиките за привлекување на странските инвеститори. Јас не велам дека треба да бидат исти, туку да ги усогласиме и да зборуваме за привлекување на инвеститорите и за вредносниот ланец којшто можеме да го креираме во Западен Балкан. Берлинскиот процес зборува за заедничка економска зона. Сите земји од Западен Балкан потпишавме заедничка платформа за креирање на заедничката економска зона. Нема друг начин освен да почнеме од некаде. Регионалната конкурентност на Западен Балкан е излезот од кризата, можноста што пандемијата ни ја има дадено. На европската економија и треба партнер, место кое е блиску и кое знае да креира продукти кои се важни во нивниот вредносен ланец.

Веќе неколку месеци ја најавувате националната развојна стратегија. Како тече тој процес и како Вие гледате на иднината на нашата земја?

– Со развојната агенција на Обединетите нации и Британската амбасада го почнаваме процесот на креирање на развојната стратегија која е 20-годишна. Заедно со сите чинители на општеството треба да седнеме и заеднички да кажеме каде сакаме да ја видиме нашата држава, на пример какво образование сакаме да имаме. Но, не би сакал кога зборуваме за националната развојна стратегија или за образованието, да зборуваме дали дигитализацијата на учебниците е битна или не. Туку да зборуваме за тоа какви луѓе треба да излезат од нашето образование, дали тоа ќе бидат луѓе кои ќе бидат одговор на потребите на стопанството, дали ќе продолжиме да креираме менаџери кои немаат „М“ од менаџер по завршување на факултетот, дали ќе креираме инженери кои ќе работат во фабрики во кои мегатрониката е клучна или ќе креираме лица кои разбираат вештачка интелегенција.

Каде сакам да ја видам Македонија – сакам да ја видам како земја во која ќе има достоинствен живот за секој граѓанин, земја во која нивото на сиромаштија нема да биде на прагот на 40 проценти, туку ќе биде на маргинално ниво, држава во која нашите граѓани ќе бидат конкурентни и ќе живеат на ниво од 60 до 70 од просекот на Европска унија. За илустрација – просекот на БДП по глава на жител во ЕУ е 33 илјади долари, нашиот е некаде отприлика 10. Сакам по 20 години да не зборуваме дали во декември ќе носиме или не маски, сакам да живеам во зелена економија во која што без никаков проблем ќе знам дека моето дете ќе расте без белодробни заболувања. Затоа ја креираме националната развојна стратегија.

Уште едно прашање кое е неминовно. Изминатите денови многу се зборуваше за увозот на мазутот. Направена е првична анализа од институции и таа е разгледана на Влада, меѓутоа сепак им дадовте период на институциите уште седум дена за да се направи една посеопфатна анализа сите компании, кои увезувале мазут. Што конкретно се очекува од оваа анализа?

– Сметам дека има само еден одговор. Моето очекување е дека ќе има одговорност. За вакви појави не треба да имаме компромис. Затоа следната недела кога се надевам дека ќе бидат завршени сите анализи, јас ќе стојам на тој став – за секое едно потврдено отстапување треба да има одговорност. Ако сакаме заедно да градиме заедничка иднина, одговорноста мора да постои кај сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2021 13:13