„Поддршката за интеграција во Европската унија продолжува да расте во Западен Балкан, а оваа година е поддржана од 62 отсто од граѓаните во споредба со минатогодишните 59 проценти. Поддршката на нашите граѓани и стопанските субјекти за регионална соработка е уште поголема: 77 проценти од граѓаните сметаат дека регионалната соработка може да придонесе за подобра политичка, економска и безбедносна состојба во нивната економија, додека 69 проценти од економските субјекти сметаат дека е важна за квалитетот на бизнисот, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.

На средбата на лидерите од Западен Балкан и еврокомесарот Оливер Вархеји, одржан денеска во Тирана, Брегу потенцираше дека ваквите бројки и ставови обврзуваат на потесна и подобра соработка.

Средбата се случува точно седум месеци откако сите лидери во Западен Балкан минатата година во Софија усвоија Акционен план за заеднички регионален пазар. На состанокот се разговараше за напредокот кон постигнување на резултатите од овој план и заедничката координација на активностите пред самитот во јули во Берлин.

– Го поздравуваме постигнатиот напредок досега и се радуваме на успешно потпишување важни регионални договори кои го олеснуваат слободното движење на луѓето. Како и да е, оддалеченоста помеѓу визијата и планот за вистински заеднички регионален пазар и реалноста повикува на порешителна акција. Да останеме инспирирани од Регионалниот договор за намалување на цените на роамингот, кој ќе се спроведе целосно на 1 јули, кога Западен Балкан ќе стане регион без роаминг. Овој договор е важен доказ за потенцијалот на сеопфатна регионална соработка во корист на нашите граѓани и добар модел за договорите што ќе следат. Ние ќе продолжиме да работиме непоколебливо со нашите европски партнери се додека нашите граѓани не бидат без дополнителни трошоци за роаминг во Европската унија, а истото важи и за граѓаните на ЕУ во нашиот регион, додаде Брегу.

И покрај драматичната состојба со Ковид-19, регионот се обедини минатата година околу визијата за воспоставување на заеднички регионален пазар по примерот на единствениот пазар на Европската унија. Преку заеднички утврдени активности за отстранување на пречките, регионот сака да ја „донесе Европа дома“ и да испрати важна порака до граѓаните и деловните субјекти од Западен Балкан дека конкретниот, прагматичен регионален напредок во рамките на четирите слободи не треба да биде далечна, туку поблиска реалност.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2021 20:55