Оштетување на мозокот, типично за пациентите со Алцхајмерова болест, е откриено кај починати од Ковид-19

Оштетувања на мозокот, типични за пациенти со Алцхајмерова и Паркинсонова болест, се откриени кај луѓе кои починале од Ковид-19, открија научници од Универзитетот Стенфорд.

Американски истражувачи, заедно со своите колеги од Универзитетот во германскиот град Саарбрикен, анализирале мозочно ткиво од осум пациенти кои починале од коронавирус, и од 14 лица кои починале од други причини.

– Забележани се „фрапантни промени” во мозокот на пациентите кои починале од Ковид-19, објасни Тони Вис-Кори, кој е дел од научниот тим на Универзитетот Стенфорд. Испитани се илјадници гени од секоја од 65.309 индивидуални клетки, земени од примероци на мозочните ткива. Според студијата, гените поврзани со спознавањето, шизофренија и депресија се активираат многу почесто во мозокот на луѓето кои страдаат од Ковид-19.

– Имаше и знаци на истоштеност кај невроните во церебралниот кортекс – делот од мозокот кој игра важна улога во донесувањето одлуки, меморијата и математичкото расудување, додаде Вис-Кори. Истражувачите не го открија вирусот во мозокот, што укажува на тоа дека инфекцијата во останатиот дел од телото може да предизвика невролошки симптоми дури и кај луѓе кои не умираат од Ковид-19.

Податоците од истражувањето се објавени во списанието „Нејчр”.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2021 00:12