Шпанскиот Меѓународен филмски фестивал во Сан Себастијан соопшти дека годинашните награди за глумците првпат ќе бидат неутрални според полот. Имено, Сребрената школка за најдобра машка и женска улога, ќе се замени со Сребрена школка за најдобра главна улога и за најдобра споредна улога, објавија организаторите.

– Промената произлегува од уверувањето дека полот, социјалната и политичката припадност веќе не е критериум што го следиме за да ги разликуваме перформансите. Единствениот критериум на жирито ќе биде разликата меѓу добри и лоши настапи, рече директорот на фестивалот, Хозе Луис Ребординос.

Сличен чекор презеде и Берлинскиот филмски фестивал, одржан минатиот март.

Организаторите изразија уверување дека овогодишниот фестивал ќе изгледа како оние пред пандемијата на Ковид-19. Иако веројатно ќе има некои ограничувања, фестивалот има намера да го зголеми бројот проекции и капацитетот на кината во споредба со лани, надоместувајќи го малку и гламурот на црвениот тепих.

Претстојниот, 69-ти Меѓународен филмски фестивал во Сан Себастијан ќе се одржи од 17 до 25 септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2021 11:32