Општина Виница обезбеди финансиска поддршка од над 2,4 милиони денари преку Министерството за локална самоуправа, наменети за реконструкција на водоводот во селото Блатец и за подобрување на енергетската ефикасност.

Реализацијата на овие инфраструктурни проекти се очекува до крајот на годината, а од локалната самоуправа најавија и сопствено учество во комплетирањето на градежните работи.

– Веќе го потпишавме договорот со Бирото за регионален развој за реализација на проектите „Изградба на водоводна мрежа во Блатец“ и „Енергетска ефикасност, пристапни и безбедни јавни површини за сите“. Првиот проект е во вредност од над 1,5 милион денари и со неговата реализација ќе се изврши замена на дотраените азбестни цевки со нови, полиетиленски. Со тоа на жителите од ова населено место ќе им обезбедиме нормално водоснабдување и конечно ќе се надминат проблемите со дефектите и прекините во испораката на вода за пиење, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Според проектот за реконструкција на водоводот во Блатец, целосно ќе се замени и ќе се комплетира примарната мрежа, а како сопствен придонес, Општина Виница заедно со комуналното претпријатие „Солидарност“ ќе работи и на поврзување на секундарната водоводна мрежа.

За проектот за подобрување на енергетската ефикасност на објекти на неколку јавни институции во општината се наменети 900 илјади денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2021 13:29