Грција го замрзнува ратификувањето на три меморандуми за соработка со Македонија по твитот на премиерот Зоран Заев во кој тој пишува „македонска фудбалска репрезентација“, што според Грците не е соодветно со Преспанскиот договор.

Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Cеверна Македонија“, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, на 10 јули, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна. Повикувајќи се на владини извори, весникот пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.

Во текстот се пренесува изјава на портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, која вчера испрати предупредување до премиерот Зоран Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

Инаку, трите меморандуми подолго време чекаат да дојдат на дневен ред во грчкиот парламент. Мнозинството на Нова демократија тактизира поради силното противење на Договорот од Преспа внатре во своите редови. Станува збор за Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на воздушниот простор на земјава.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2021 16:20