Рестрикции на водата за пиење започнуваат во општина Неготино поради горештините.

Како што информираат денеска од стручната служба при неготинското Јавно претпријатие „Комуналец", поради високите температури, ќе има рестрикции на водата за пиење и тоа од 23 до пет часот.

Оттаму појаснуваат за МИА, дека рестрикции ќе има, се додека траат и екстремно високите температури, со цел во текот на денот да има доволно вода за сите, па и за водокорисниците од повисоките зони.

– Се молат граѓаните водата за пиење да ја користат рационално. Ние од наша страна благодариме на разбирањето, додаваат од „Комуналец".

Од комуналното претпријатие појаснуваат дека за триесет проценти им е зголемена потрошувачката на вода за пиење во овој период на многу топло време, кога населението се освежува и разладува поради горештините.

– Едно четиричлено неготинско семејство во просек троши околу 25 кубика вода месечно. Во други општини кадешто живеат семејства со помали дворови, месечната потрошувачка изнесува околу 15 кубици, децидни се од „Комуналец".



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2021 11:22