Инфраструктура на железниците на Србија и Делегацијата на Европската унија во Србија објавија тендер за работи за изградба на тунел број 4 на делницата Сталаќ-Ѓунис, на пругата Белград-Ниш, во општина Чичевац, што преставува прв чекор кон изградбата на брзата пруга Белград-Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Опсегот на работи вклучува изградба на едноканален тунел со два колосека бр. 4, долг 3.275 метри, со три тунели за евакуација и два пристапни патишта, како и претходна изработка на проектна документација, и не вклучува надградба на колосекот, електрификација, сигнализација и телекомуникации, соопшти бизнис порталот еКапија.

Проценетата вредност на работите кои ќе ги финансира Европската инвестициска банка е 40 милиони евра, без ДДВ, а времетраењето на договорот е ограничено на 4,5 години, со краен рок за пријавување до 28 септември.

Како што пишува еКапија, на почетокот на јуни беше објавено прелиминарно известување за објавување тендер за изградба на пругата Сталаќ-Ѓунис.

-Тогаш беше кажано дека тендерот ќе биде објавен на 5 јули и дека работата ќе биде поделена во две партии, од кои првата вклучува изградба на тунел број 4, а втората реконструкција и модернизација на постојната пруга и изградба на вториот колосек на делницата Сталаќ – Ѓунис, со изградба на уште 4 тунели низ сталачката клисура, наведува еКапија.

Најавата дека ЕУ е подготвена да ја поддржи изградбата на пругата меѓу Белград и Северна Македонија, од која е дел пругата Белград-Ниш, пристигна во април годинава, за време на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Брисел.

Како што тогаш прецизираше Вучиќ, разговарано е за пет варијанти, а Србија ја прифати варијантата 4, со цена за изградба од 1,766 милијарди евра до Ниш, но со, како што кажа, најмалку 600 милиони помалку, бидејќи толку ќе даде ЕУ.

Подоцна тој најави дека изградбата на пругата може да започне на пролет следната година и наведе дека работите ќе бидат завршени во 2026 година, како и дека пругата од Белград до Северна Македонија ќе се гради без долго планираната нова делница до Велика Плана.

На почетокот на мај, премиерката Ана Брнабиќ најави дека околу 56 отсто од пругата Белград-Ниш ќе биде со брзина од 200 километри на час.

Според претходните најави, некои делници од оваа пруга поради економичноста ќе бидат предвидени за брзина од 160 км/ч .

Пред недела дена Брнабиќ говорејќи за развојните проекти во инфраструктурата што треба да се реализираат во наредниот период изјави дека најголем капитален проект во Србија ќе биде железничкиот дел од Коридорот 10 кој ќе се гради со партнерите од ЕУ.

Таа додаде дека во моментов се прави проценка на вредноста на железничкиот коридор 10 на делот од Ниш и Брестовац до Прешево и Северна Македонија, потенцирајќи дека ова ќе биде најголем инфраструктурен проект во наредниот период



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2021 13:32