Грижата за граѓаните на Крива Паланка од страна на Општинската организација на Црвен крст не престанува и во периодот на екстремно високите температури што ја зафатија земјава, па волонтерски тимови деновиве постојано патролираат на најфреквентните локации во градот, делејќи вода и препораки за заштита од високите температури.

-Нашите волонтери делат флаширана вода на населението, во изминатите денови на фреквентни локации, вчера низ центарот на градот и на градскиот пазар, а продолжуваме со несмалено темпо деновиве, како и со препораки и совети за заштита од топлотниот бран кој деновиве ја зафати државата. Превентивната акција имаше цел на случајните минувачи да им се укажат начини за заштита како и последиците што високите температури во овој период на годината можат да ги предизвикаат на нивното здравје. Во зависност од препораките на надлежните институции, Црвен крст Крива Паланка и во периодот што следи, доколку тоа го налагаат временските услови ќе биде присутен на терен со давање поддршка во справувањето со топлотниот бран од портокалова, алертна, фаза, информира Дарко Пешовски, секретар на општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.

Препорака до сите граѓани е за време на топлиот период во денот, од 10 до 17 часот да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, а неопходните работи да се завршуваат во раните утрински часови или во попладневните.

– Граѓаните треба да носат лесна и светла облека, а при директна изложеност на сонце, да се носат заштитни очила и капа. Се препорачува внесување помало количество храна и избегнување мрсна и високо-калорична храна, како и храна што содржи поголемо количество шеќер и внесување големо количество течности, одбегнување алкохолни пијалоци и пијалоци што содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалоци.За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар, додаде Пешовски.

Акцијата е подржана од Општина Крива Паланка, а водата е донација од фирми од корпоративен сектор од Општина Крива Паланка.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2021 12:17