Внуките на американскиот мафијаш Ал Капоне (1899-1947), кои со децении живеат мирен живот во САД, подготвуваат аукција за продажба на приватните предмети на нивниот дедо, како што е неговиот омилен пиштол, фотографии со семејството и „соработниците“ и писмото што од затворот Алкатраз му го испратил на синот Сони.
На аукцијата во Сакраменто на 28 август, ќе има уште некое оружје во сопственост на Ал и Сони, дел од златник, неговиот џебен часовник изработен од платина и дијаманти, мебел, сребро, порцелан и накит и домашен филм на стара лента „во кој се Ал Капоне и соработниците“, соопшти весникот „Сан Франциско Хроникал“.
Аукцискиот каталог се состои од 174 предмети.
Дајан Капоне (77), една од трите живи внуки на поранешниот мафијашки бос, чиј живот служеше и како мотив за познатиот филм „Скарфејс“, вели дека одлучиле за продавање бидејќи сите имале над седумдесет години.
-Решивме дека е време да се справиме со тоа и да и дозволиме на јавноста да ги има тие предмети, рече таа.