Во 2021 година се очекува делумно опоравување, со раст на БДП од 4 проценти, благодарение на враќањето на извозот и приватната потрошувачка, како и одржливата владина потрошувачка.

Моментот на раст се очекува да продолжи во 2022 година, исто така со 4 проценти, врз основа на повторното враќањето на приватните инвестиции, вели во интервју за МИА Јурген Ригтеринк, прв потпретседател на ЕБОР.

Ризиците, како што вели, првично се поврзани со брзината на опоравување на надворешната побарувачка и способноста на Владата да ја реализира амбициозната инфраструктурна агенда, со оглед на стеснетиот фискален простор.

-Краткорочно, високото ниво на вакцинирани и постојаната поддршка на најзагрозените и најранливите во општеството и економијта, ќе помогнат да се избегнат најлошите последици од пандемијата. На среднорочен план, враќањето кон претпазливи фискални политики е важно, паралелно со одржување на високо ниво на јавни инвестиции, фокусирање кон натамошниот развој на транспортот и енергетска инфраструктура, како и натамошен зелен економски раст, вели Ригтеринг.

Тој во интервјуто зборува и за тоа каде треба да биде насочена поддршката од државата во наредниот период, одржливоста на Буџетот и состојбата со јавниот долг. Се осврнува и на активностите на ЕБОР и истакнува дека планираат да инвестираат во зелена транзиција, како најважен сектор кој има потреба од најитна поддршка.

– На крајот на јуни ЕБОР ја зголеми прогнозата за македонската економија со која се предвидува раст од 4 проценти. Останувате ли на проекциите за закрепнување на економијата во текот на годинава со оглед на продолжувањето на кризата од Ковид-19 пандемијата и стартот на четвртиот бран?

Предвидувањата по природата на нештата вклучуваат несигурност и се ревидираат согласно потребите. Нашата проценка беше базирана врз основа на податоците пред новиот бран на пандемијата, и заради тоа ќе имаме ново предвидување, кон крајот на годинава. Проекциите може да се сменат со новите податоци и информации, кои ќе ги добиеме во наредниов период, вклучувајќи го развојот на ситуацијата со пандемијата.

Со какви ризици може да се соочи економијата во наредниот период и кои се вашите предвидувања?

Во 2021 година се очекува делумно опоравување, со раст на БДП од 4 проценти, благодарение на враќањето на извозот и приватната потрошувачка, како и одржливата владина потрошувачка. Моментот на раст се очекува да продолжи во 2022 година, исто така со 4 проценти, врз основа на повторното враќањето на приватните инвестиции. Како и да е, ризиците за намалување или за зголемување на проекцијата постојат. Со други зборови, растот може да биде и поголем и помал, кога станува збор за предвидување. Ризиците првично се поврзани со брзината на опоравување на надворешната побарувачка и способноста на Владата да ја реализира амбициозната инфраструктурна агенда, со оглед на стеснетиот фискален простор.

Што ќе биде клучно за одржливост и раст на македонската економија со оглед на повторниот притисок од здравствената криза и рестриктивни мерки што влијаат на секојдневното функционирање и на граѓаните и на економијата?

Краткорочно, високото ниво на вакцинирани и постојаната поддршка на најзагрозените и најранливите во општеството и економијта, ќе помогнат да се избегнат најлошите последици од пандемијата.

На среднорочен план, враќањето кон претпазливи фискални политики е важно, паралелно со одржување на високо ниво на јавни инвестиции, фокусирање кон натамошниот развој на транспортот и енергетска инфраструктура, како и натамошен зелен економски раст. Еколошките и социјалните мерки кои дозволуваат „фер транзиција” за планираните постепени исклучувања на производствената енергија базира на јаглен, ќе бидат исто така потребни. За да се справите со негативните социјални економски влијанија од затворање на електрични централи на јаглен и рудници за јаглен, потребен е однапред да се изработи план кој ќе ги разработи развојните аспекти за труд и регионален развој. Реформите во образовниот сектор треба да бидат забрзани и да ги опфатат константно високите нивоа на невработеност на младите, овозможувајќи им натамошно учество во економскиот раст. Тековните реформи треба да се фокусираат кон справување со некомпатибилност на вештините и пазарот на труд, преку поттикнување на систем на стручно образование, кој може да помогне.

Како ја оценувате одржливоста на Буџетот и состојбата со задолжувањето на државата?

Како последица на пандемијата, на крајот од 2020 година, јавниот долг, вклучувајќи ги и гаранциите, се искачи на 60 проценти од БДП, што е раст од над 10 процентни точки во споредба со крајот на 2019 година. Експанзионистичката фискална стапка во 2021 година продолжува, и вклучува натамошна поддршка на мерките, како што се субвенции за плати, инвестициски стимулации и поддршка на ликвидноста на фирмите. Додека фискалната политика засега треба да остане поддржувачка, би било важно да се развие и кредибилна среднорочна фискална стратегија. Натамошното зајакнување на рамката за фискално управување, вклучително и зголемувањето на ефикасноста на наплатата на даноците и подобрување на менаџментот на јавните инвестиции, ќе бидат клучни за одржување на фискалната одржливост

Власта досега излезе со повеќе пакети за поддршка на економијата и граѓаните. Со каква помош сега треба да се настапи, кој треба да биде во фокусот на поддршката, потребни ли се промени во пристапот на банкарскиот сектор за поддршка во услови на криза?

Владата треба да реши за наредните мерки. Генерално, мерките треба да се насочени кон домаќинствата и бизнисите (воглавно МСП), кои се најмногу погодени и кои се најранливи, да ги поддржи вработувањата и креирањето на работните места. Исто така, гаранциските шеми, особено оние наменети за МСП, ќе биде важно да започнат да се реализираат, со цел да се олесни пристап до финансирање на компании кои се тешко погодени од пандемијата.

ЕБОР инвестира во проекти за закрепнување на последиците од Ковид-19 пандемијата и кај нас и во сите држави кај што е присутна. Во таа насока што може да се очекува како поддршка и соработка од ЕБОР за приватниот сектор, но и за државата?

Пандемијата на Ковид-19 влијае врз земјите каде ЕБОР има свои резидентни канцеларии на досега невиден начин. Минатата година, банката реагираше брзо и решително, кога реши да се преориентира и во основа да ја употреби нашата вкупна инвестиција до 21 милијарда евра за 2020-2021 година, во справување со економските последици од пандемијата. Ние сме финансиска институција ориентирана кон приватниот сектор, и се стремиме да обезбедиме до 75 проценти од нашите вкупни инвестиции во приватниот сектор. Во Македонија, минатата година инвестиравме 65 милиони евра поддржувајќи ја реалната економија, зајакнувајќи ја отпорноста на финансискиот сектор и поттикнувајќи ги инвестициите за енергетска ефикасност. Во иднина, планираме да инвестираме во зелена транзиција, како најважен сектор кој има потреба од најитна поддршка. На Западен Балкан, ова ќе вклучи натамошно насочување кон повеќе инвестиции во обновливи извори на енергија, во склоп на конкурентен пазар на опкружување.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2021 11:30