Вториот носител, Русинот Данил Медведев во полуфиналето на последниот грен-слем турнир во оваа година ќе игра против 15. носител Феликс Оже – Алиасим од Канада, додека во женска конкуренција за влез во финалето на УС Опен ќе се борат канадската сензација Лејла Фернандез и втората носителка, Белорусинката Арина Сабаленка.

Оже – Алиасим пласманот во полуфиналето го обезбеди, откако Шпанецот Карлос Алкараз го предаде натпреварот при резултат 6-3, 3-1 поради повреда на ногата.

Медведев во четвртфиналето по два часа и 24 минути игра, со 6-3, 6-0, 4-6, 7-5, го совлада Холанѓанецот, Ботик Ван де Зандсулп, 117. рангираниот тенисер во светот, кој место на главниот турнир избори преку квалификациите. Медведев играше во финалето на УС Опен во 2019 година, кога во пет сетови загуби од Рафаел Надал, а минатата година во полуфиналето беше поразен од Австриецот Доминик Тием, кој потоа ја освои титулата.

Фернандез, 73. рангирана на ВТА листата, до полуфиналето дојде со триумф над петтата носителка, Украинката Елина Свитолина, и за 19-годишната Канаѓанка ова ќе биде прво полуфинале на грен-слем турнир.

Сабаленка, која како и Фернандез за прв ќе игра полуфинале на УС Опен, во четвртфиналето во два сета ја совлада победничката на Ролан Гарос Барбора Крејчикова од Чешка.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2021 13:21