Работилница за „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“ – изум на лауреатот на „Златна камера 300“ за животно дело на „Браќа Манаки“

"Lights is invisible. We only see the light reflected from the world." ..

-Првпат го користев „Системот за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“ кога работев со режисерот Михаел Ханеке на филмот „Учителка по пијано“. Го користев само во мали делови, не на целиот филм. Тоа беше тест за мене да видам како работи, како можам да го користам... и се разбира без знаење на Ханеке. Но, по два часа снимање тој забележа и рече : Немој да експериментираш со моите филмови! Но, сега, Ханеке го сака овој систем и од 2001 година го користам на сите мои филмови, раскажа Бергер во интервју за холандско списание за филм.

Кристијан Бергер, добитникот на Златна камера 300 за животен опус на 42. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е секако еден од најприсутните светски кинематографери на Фестивалот, чија плодна кариера се одразуваше во повеќе изданија на нашиот Фестивал.

Бергер е професор на Филмската академија во Виена и изумител на новиот „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“, што го направи во соработка со „Бартенбах лихтлабор“, за кој ќе се одржи и работилница во рамките на фестивалската програма. Овој систем овозможи многу нови естетски можности за камерата и за директорите на фотографија, но им даде и слобода и флексибилност на актерите и режисерите, бидејќи ја елиминира потребата од многу кабли, сталки, филтри, електрична опрема и техничари кои мораат да бидат околу актерите во моментот на снимањето на сцената. -Не треба да знаете дека има светилка, не треба да сфаќате дека има светилка, е неговата изјава која им е омилена на многумина.

Тој на два пати го презентираше системот во рамките на изданијата на ИФФК „Браќа Манаки“, а исто толку и како дел од FFF/First Film First (спонзорирано од Гете Институтот, а раководено од режисерот Стефан Арсенијевиќ).

Бергеровата големина како кинематографер го наметна и да биде избран за претседател на петчленото жири во 2008 година на 29. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“, во 2012 година, на 33. Издание на нашиот Фестивал, Бергер беше лауреат на „Специјалната Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност и еве по девет години, со полната авторска зрелост, сврзана меѓу Бергер и нашиот фестивал се крунисува со годинашната „Златна камера 300“ за животен опус, со што Бергер заслужено станува најновиот член на Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.

Врвот на неговата авторска креативност како водечки европски и светски кинематографер е тандемската соработка со водечкиот, не само австриски, туку и европски и светски режисер и сценарист Михаел Ханеке. Речиси се што е најзначајно во неговиот опус е визуелно потпишано од Бергер.

Соработката ја започнуваат уште во австриската фаза на Ханеке со двата филма од трилогијата Смрзнати чувства/Glaciation Trilogy:Видеото на Бени/Beny's Video (1992) и 71 Фрагменти од Хронологијата на случајот /71 Fragments of a Chronology of a Chance (1994). Нивната тандемска соработка продолжува во уште поинтересната француска фаза со филмовите: Учителка по пијано /The Piano Teacher (2001) и Скриено/Hidden (2005), а врвот на нивната плодна тандемска соработка е ремек делото Белата панделка /The White Ribbon, што во Кан во 2009 година им ја донесе Златната палма, а за Бергер, иако можеше да се закити со Оскарот, му остана сатисфакцијата што беше номиниран за Оскар за најдобар кинематографер. Сепак тој ја доби престижната награда на Американското здружение за кинематографија ASC/American Society of Cinematographers за најдобар кинематографер за филмот „Белата панделка“. Тоа од 2010 година му го донесе и заслуженото членство во AMPAS/Academy Of Motion Pictures and Science/Американската филмска академија која ги доделува Оскарите.

Негов прв целовечерен филм е „Рафл“/ Raffl (1984) , за кој уште на почетокот на кариерата ги добил сите престижни награди. Следуваат: „Хана чудовиште, драга“/Hanna Monster, Liebling (1989), „Плоштадот Маут“/ Mautplatz (1994), „Етнички идили“/ (1996), „Сеќавањата на мртвиот човек“/ Dead Man’s Memories (2002), „Не прави така“/ Don’t Do That (2004), „Мојот убиец“/ Mein Morder (2005), во 2007 година филмот „Неангажираност“/ Disengagement на режисерот Амо Гитаи со Жилиет Бинош во главната улога...

Бергер последно работеше на филмот „Ноќ од 1000 часа“, кој е во постпродукција, во соработка со уште еден познат австриски режисер, Виргил Видрих, а неговото последно дело е од 2015 година, драмата и романса „Покрај море“ на Анџелина Џоли.

Токму Анџелина Џоли и Бред Пит беа воодушевени од Системот за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах.

-Тоа е толку важно за актерите. Воопшто не е инспиративно актерите да бидат опкружени со електрична опрема и техничари додека се обидуваат да кажат: „Те сакам“. Кога ги снимавме сцените немавме големи поставки за осветлување на лицето за крупен кадар, вели Џоли.

-Експериментираме и играме, додава Пит, и чудно е, но, средината е побезбедна од сите на кои сум бил досега.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/09/2021 10:47