Со големо задоволство и возбуда ве покануваме на промоција на сликовницата „До небото и назад“ која е дел од едицијата сликовници за деца „Светулка“ . Едицијата „Светулка“, проект на издавачката куќа Арт&Арт студио Батев, со своите 11 изданија внесе свежина и квалитет во детската литература и илустрација. Убедливо стана дел од домашните библиотеки на децата.

Составена е од 15 приказни од кои 11 се веќе издадени. Како и другите приказни, секогаш поучни и едукативни, и оваа приказна изобилува со содржини клучни за развојот на децата.

„До небото и назад“ е емотивната приказна за пријателство меѓу детето Алекс и кучето Бони. Во суштина приказна за добрината, љубовта и емпатијата. Главниот херој, петгодишниот Алекс, не се идентификува со Супермен или Спајдермен, но силно верува дека подобар свет е можен. Ова дете нѐ учи како да го чуваме срцето чисто, да не се плашиме да покажеме кога сме тажни и ранливи и да се избориме за тоа што го сакаме за да бидеме среќни – до небото и назад!

Илустрираната книга за деца е повеќеслојна. Покрај главните пораки за љубовта, пријателството и среќата, низ авторската и визуелна нарација се протнуваат и суптилни пораки за загадениот сив град, грижата за природата, односот кон храната, осаменоста, психолошкото насилство...

„До небото и назад“ е приказна која треба да им покаже на децата дека љубовта ја прати широк спектар на емоции од кои не треба да се плашат. Затоа, треба да им дозволиме простор да бидат и тажни, да не ги инхибираат своите емоции, да не се плашат да покажат и да побараат помош кога се ранливи, оти така го јакнат психолошкиот имунитет.

„Мојата прва книга за деца им се обраќа не само на децата, туку и на родителите. Приказната е сплетена низ два слоја. Првиот, кој го чита детето, и вториот, којшто им се обраќа на родителите.

Сакав да посочам на разликите меѓу децата кои растат со/во љубов и оние дечиња кои се лишени од потребната грижа и топлина во домот. Првите, учат да ја сакаат природата, да се грижат за животните, да помагаат и да веруваат, додека вторите се учат да мразат, да исмејуваат и да напакостуваат. Некои деца, за жал, се жртви на пасивна агресија во домот, за која многупати и самите родители, обременети од премногу работа, обврски и стрес не се свесни за своето токсично однесување. Таквите деца, кои растат запоставени и под константен стрес, рефлектираат љубомора и агресија кон своите другарчиња. Веројатно тоа е коренот на булингот. Сами ќе ја пронајдете метафората за насилството и поттикот да се избориме за нашата среќа и за работите кои ни се важни во животот“, вели Јовковска.

Илустрациите се на Иванка НиБа, која воедно е и уредник на едицијата.

Промоцијата ќе се одржи на 12 септември (сабота) во 11 часот, на отворено, пред платото на Младинскиот културен центар.

Сликовницата ќе биде на продажба и на Саемот на книгата (8-14 септември) на штандот на Готен и студио Батев.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2021 11:57