Локалната самоуправа и членовите на Советот на општина Гостивар ќе одвојат финансиски средства како помош за семејствата на настраданите во пожарот во Тетово. Одлуката беше изгласана попладнево на вонредна седница на Советот на општината.

Предлогот за доделување на финансиска помош го даде градоначалникот Арбен Таравари и образложи дека средствата ќе се одвојат од касата на општината.

– Во мое и ваше име, изразив искрено сочувство до членовите на семејствата кои пред два дена ги загубија своите најблиски во Тетово. Предлогот е на семејствата на жртвите да им се помогне со по 60.000 денари. Како придонес во помошта ја давам и мојата месечната плата. Би било добро да им помогнеме на овие семејства бидејќи сме соседна општина и да покажеме солидарност, рече Таравари.

Со едногласна поддршка на предлогот, советниците изгласа и одлука да го отстапат месечниот надомест како дел од финансиската помош која општина Гостивар ќе ја даде за настраданите.

Седницата започна со едноминутно молчење оддавајќи почит кон жртвите. Во пожарот во Тетово животот го загубија 14 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2021 03:15