„До небото и назад“ е името на новата книга за деца која ќе внесе свежина во детската литература и илустрација, чија промоција е закажана за денеска на платото пред МКЦ во Скопје. Станува збор за книга која е дел од едицијата сликовници за деца „Светулка“, а автори се Ана Јовковска и илустраторката Иванка НиБа.

Книгата има 11 изданија. Составена е од 15 приказни од кои 11 се веќе издадени, приказните се поучни и едукативни.

„До небото и назад“ е емотивната приказна за пријателство меѓу детето Алекс и кучето Бони. Во суштина приказна за добрината, љубовта и емпатијата. Главниот херој, петгодишниот Алекс, не се идентификува со Супермен или Спајдермен, но силно верува дека подобар свет е можен. Ова дете нѐ учи како да го чуваме срцето чисто, да не се плашиме да покажеме кога сме тажни и ранливи и да се избориме за тоа што го сакаме за да бидеме среќни – до небото и назад!

Целта на приказната е да им покаже на децата е дека љубовта ја прати широк спектар на емоции од кои не треба да се плашат. Затоа, треба да им дозволиме простор да бидат и тажни, да не ги инхибираат своите емоции, да не се плашат да покажат и да побараат помош кога се ранливи, оти така го јакнат психолошкиот имунитет.

Илустрираната книга за деца е повеќеслојна. Покрај главните пораки за љубовта, пријателството и среќата, низ авторската и визуелна нарација се протнуваат и суптилни пораки за загадениот сив град, грижата за природата, односот кон храната, осаменоста, психолошкото насилство…

Сликовницата ќе биде на продажба и на Саемот на книгата (8-14 септември) на штандот на Готен и студио Батев.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2021 10:33