Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ денеска организира интерпретациска тура низ неолитското село и музеј Тумба Маџари.

Во рамките на прошетката преку интерпретација и игри и загатки сите посетители на оваа невообичаена едукативна тура ќе имаат можност да се стекнат со искуство од прва рака, додека во живо ги посетуваат реконструираните домови од периодот на камено доба кои се опремени со покуќнина. Истовремено ќе можат да ги истражуват одблиску и предметите кои се реплики а се пронајдени токму на археолошкиот локалитет „Тумба Маџари“.

На крајот на оваа прошетка најмладите ќе имаат можност да се забавуваат, изработувајќи по желба предмет од глина кој ќе можат да го понесат дома за спомен, информираат од „Хаемус“ и посочуваат дека секое дете на возраст до 14 години ќе добие „Археолошката тетратка“ за млади истражувачи во нивно издание.

Целта на „Едукативната тура низ Неолитското село „Тумба Маџари“ е промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на државава од праисторискиот период кое несомнено оставило трага во колективната меморија на главниот град. Турата е дел од образовната програма „Млад истражувач“ создадена од „Хаемус“. Оваа едукативна тура се организира под мотото на УНЕСКО за Отворени едукативни ресурси. Настанот е логистички поддржан од Град Скопје, Општина Гази Баба и компанијата ЕуроДанвест.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2021 10:38