Потребна е понатамошна поддршка, особено за малите и средните компании, за да се спречи затворањето на бизнисите и губењето на работните места и да им се помогне да ги зајакнат своите капацитети и да се прилагодат на новите околности предизвикани од пандемијата, вели потпретседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова во интервју за МИА.

Она кон што треба да се насочат компаниите, според Павлова, се дигитализацијата и трансформацијата кон зелена економија. Примената на енергетски ефикасни мерки, како што вели Павлова, не е раширена во Западен Балкан, бидејќи повеќето фирми или поточно две третини, не ги гледаат енергетски ефикасните мерки како приоритет.

– Нашата анализа покажува дека влијанието од пандемијата врз приватниот сектор беше разурнувачко, принудувајќи 40 проценти од фирмите во Македонија да затворат привремено за време на пандемијата. Малите и средни претпријатија беа најтешко погодени и потребна е понатамошна поддршка поради две причини – да се спречи затворање на бизнисите и губење на работни места од една страна и да им се помогне да ги зајакнат своите капацитети и да се прилагодат на новите околности предизвикани од пандемијата и промената на климата. Ова прилагодување ќе треба да се насочи кон дигитализација на нивните операции и воведување на енергетски ефикасни практики. Примената на енергетски ефикасни мерки не е раширена во Западен Балкан, бидејќи повеќето фирми [две третини] не ги гледаат енергетски ефикасните мерки како приоритет и покрај фактот дека голем број од фирмите ги сметаат како профитабилни според Анкетата за претпријатијата од ЕИБ, нагласува Павлова во интервјуто што подолу е објавено во целост.

Таа порачува дека имплементацијата на клучните економски и структурни реформи во земјава ќе биде суштинско за создавање поволна бизнис клима.

Македонија, вели Павлова, е веќе на вистинскиот пат и нејзината добра состојба, над регионалниот просек, е потврдена во последното издание на Светските индикатори за управување. Потребен е понатамошен напредок за приближување на институционалната рамка кон стандардите на ЕУ, подобрување на политичката стабилност и практики за управување со инвестиции.

Интервјуто кое Павлова за МИА го даде по нејзината посета во Скопје каде присуствуваше на Првата годишна конференција што ја организираше Министерството за финансии, го пренесуваме во целост:

Г-ѓа Павлова, бевте во посета на Скопје каде присуствувате на Првата годишна конференција што ја организираше Министерството за финансии. Какви се Вашите очекувања за македонската економија? Дали можеме да кажеме дека македонската економија полека заздравува од кризата предизвикана од Ковид-19?

– Поради пандемијата, БДП се намали на 4,5 проценти во 2020 година, бидејќи потрошувачката и инвестициите се намалија. Сепак, поради донесените политики, БДП е проектирано да закрепне на 3,8 проценти во 2021 и за уште 4 проценти во 2022 година, според прогнозата на ММФ. Односот на јавниот долг спрема БДП изнесуваше 51,3 процент во 2020, и се очекува да се зголеми до над 55 проценти во 2022 година. Многу високиот дефицит во 2020 година резултираше од скратувањето во БДП и експанзивната фискална политика за ублажување на негативното влијание од пандемијата. Од позитивната страна, јавното финансиско управување се зајакнува последниве години.

Можеме да кажеме дека мерките помогнаа да се олеснат најитните последици од Ковид-19, но пандемијата значително го успори економскиот напредок на Македонија која почна да покажува нагорни тенденции во многу области. Земјата направи значителен напредок во економските реформи и е една од најинтегрираните во глобалниот вредносен синџир низ земјите на ЕУ. Тоа го покажа нејзиниот силен капацитет за иновации, а овие области треба да се зајакнуваат и понатаму.

Неодамнешниот објавен Извештај за кредитна активност на ЕИБ покажува дека кредитната побарувачка во Македонија продолжи да опаѓа во изминатите шест месеци поради пандемијата, додека квалитетот на апликациите за кредит се влоши. Условите за снабдување со кредити се затегнаа во изминатите шест месеци, слично како и во регионот и, за разлика од регионот, се очекува да се затегнуваат и во следните шест месеци.

Од позитивна страна, истата анкета покажува дека Македонија исто така брзо напредна во одговорот на пандемијата. Скоро 90 проценти од банките ги забрзаа своите интерни процеси и достигнување до клиентот, додека околу 30 проценти од нив ги прилагодија и автоматизираа практиките за управување со ризик и структурата на филијалите.

Како што ги уверив премиерот Заев и министерот за финансии Бесими за време на моите средби со нив во Скопје, Европската инвестициска банка ќе и даде целосна поддршка на Македонија за да го забрза заздравувањето од Ковид, да го поттикне економскиот и социјалниот развој првенствено преку дигитализацијата. Подготвени сме да обезбедиме советодавни услуги и финансирање за структурирање на финансиски инструменти во корист на приватниот сектор со цел да се подобри конкурентноста на економијата во Македонија.

Од почетокот на кризата, Владата во Македонија презеде серија мерки за поддршка на економијата и на граѓаните. Дали е потребна понатамошна поддршка за бизнис секторот, имајќи предвид дека уште се активни рестриктивните мерки за да се спречи ширењето на вирусот? Ако е потребна понатамошна поддршка, за кои сектори таа треба специфично да се насочи?

– Нашата анализа покажува дека влијанието од пандемијата врз приватниот сектор беше разурнувачко, принудувајќи 40 проценти од фирмите во Македонија да затворат привремено за време на пандемијата. Малите и средни претпријатија беа најтешко погодени и потребна е понатамошна поддршка поради две причини – да се спречи затворање на бизнисите и губење на работни места од една страна и да им се помогне да ги зајакнат своите капацитети и да се прилагодат на новите околности предизвикани од пандемијата и промената на климата. Ова прилагодување ќе треба да се насочи кон дигитализација на нивните операции и воведување на енергетски ефикасни практики. Примената на енергетски ефикасни мерки не е раширена во Западен Балкан, бидејќи повеќето фирми [две третини] не ги гледаат енергетски ефикасните мерки како приоритет и покрај фактот дека голем број од фирмите ги сметаат како профитабилни според Анкетата за претпријатијата од ЕИБ.

Групацијата ЕИБ веќе ги потпиша првите инвестиции за подобрување на дигиталните капацитети меѓу српските МСП во 2020 и во текот на 2021 година, ние ќе ја поддржиме имплементацијата на еколошки одговорни практики меѓу компаниите во Црна Гора. Планираме да имплементираме вакви видови проекти низ регионот и така да ја охрабриме економската трансформација кон зголемена отпорност на регионалниот пазар, што се очекува да ја олесни неговата интеграција во дистрибутивните и производствените ланци на ЕУ.

За време на мојата посета на Скопје имав можност да се сретнам со Управниот одбор на Банката за развој на Македонија, предводен од Кире Наумов и Фарук Исмаили. Нашите институции поттикнуваат децениска соработка со цел да го поддржат финансирањето на МСП во земјата. Горди сме што ќе продолжиме да работиме заедно со нашиот долгогодишен партнер-ДБНМ за поддршка на развојот и издржливоста на приватниот сектор и банкарската индустрија во Македонија, во услови на тековни кризи „Ковид-19“. По нашата успешна соработка, ЕИБ со нетрпение очекува да ги спои напорите за зголемување на отпорноста и конкурентноста на малите и средните претпријатија, преку зелени и дигитални инвестиции.

Европската инвестициска банка ѝ одобри на државата кредитна линија од 100 милиони евра коишто се наменети за економско заздравување на малите и средните претпријатија. Во последното интервју за МИА, Вие изјавивте дека очекувате да бидат поддржани најмалку 300 проекти на мали и средни претпријатија. Колку проекти се поддржани до сега?

– Фондовите ќе се распоредат наскоро, првата транша на исплата ја очекуваме во следните недели. РБСМ работи со комерцијалните банки за брза исплата на овие средства на локалните бизниси и да им се помогне во нивната ликвидност и потреби за работен капитал, зачувување на работните места и нивно прилагодување и раст.

Новата кредитна линија е планирана како поддршка за економско закрепнување на малите и средни претпријатија во време кога тоа им е најпотребно. Пристапот до финансии останува еден од најголемите проблеми меѓу МСП бидејќи тие ги гледаат високите каматни стапки како најголемата пречка кога аплицираат за кредит, како што се гледа од нашата најнова Анкета за претпријатија. Затоа, новото финансирање на ЕИБ во вкупен износ од 100 милиони евра ќе биде достапно под многу поволни и флексибилни услови, со ниски каматни стапки и продолжени рокови на доспевање, за покривање на широк спектар на компании од разни индустрии коишто се најтешко погодени.

Вие најавивте поддршка на ЕИБ за зелена економија. Дали има нешто конкретно во врска со ова и колку пари ЕИБ планира да инвестира во државите од Западен Балкан?

– Две огромни закани наметнати од Ковид-19 и климатските промени нѐ поттикнуваат да ја смениме постоечката економска парадигма и да се придвижиме кон ново општество засновано на принципите на одржливост и еднаквост. Економијата треба да го води патот на трансформацијата и да го претвори во зелен, одржлив модел, применувајќи го низ сите сектори почнувајќи од транспортот, енергијата, индустријата, земјоделството и заштитата на животната средина.

Ние веќе работиме на проекти во сите тие сектори низ регионот, кои се во различни фази на имплементација. Ова што го споменувам е иницијатива за поддршка на регионот да се оттргне од јагленот и да се префрли на поефикасна, сигурна и разновидна енергетска мешавина. Намалувањето на зависноста од јаглен ќе помогне да се ублажи еден од најсериозните еколошки проблеми со кои се соочува регионот со децении – загадувањето на воздухот. ЕИБ веќе потпиша нов кредит за конструкција на гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија и работиме на подготовка на овој вид на проект за Македонија.

Освен тоа, ЕИБ работи на одржливи проекти за мобилност, како што е реконструкција на железничката мрежа на Коридор 8 во Македонија, како и на подобрување на навигацијата по воден пат долж реките Сава и Дунав во Србија и модернизација на урбаниот транспорт во Кантонот Сараево. Во Македонија ќе потпишеме нови проекти во областа на водоснабдувањето и инфраструктурата на отпадните води.

Меѓу главните области за идна поддршка и инвестиции во Република Македонија за кои разговаравме со премиерот Заев се поврзани со дигитализација, диверзификација на енергија и транзиција кон обновливи извори на енергија, развој на општинска инфраструктура, проекти за вода и отпадни води, поддршка за отпорност на климата , ублажување и климатско дејствување.

Подготвени сме да обезбедиме финансиска и техничка советодавна поддршка за овие цели, да им помогнеме на земјите во регионот да имаат што е можно поголема придобивка од достапните средства од Економскиот и инвестициски план, земајќи ги предвид нивните стратегии за долгорочна одржливост и националните стратегии.

Европската комисија го усвои Планот за економска инвестиција. Како претставник на меѓународна финансиска институција што би им препорачале на македонските власти и бизнис секторот како да искористат повеќе средства од овој фонд за економска обнова?

– Навистина, овој план е отскочна даска за побрз развој на регионот, економска трансформација и усогласување со стандардите на ЕУ. Поконкретно, тој ги наведува клучните стратешки проекти во областите за одржлив транспорт, зелената и дигиталната транзиција, создавањето на заеднички пазар и инклузивен раст кои ќе бидат поддржани со околу 30 милијарди евра.

Како банка на ЕУ, ние ќе помогнеме во имплементирањето на овој план, финансиски и технички со обезбедување на наша експертиза за подготовка на проектот, имплементација и надзор, заедно со Европската комисија и под Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Што се однесува до Македонија, имплементацијата на клучните економски и структурни реформи ќе биде суштинско за создавање поволна бизнис клима. Земјата е веќе на вистинскиот пат и нејзината добра состојба, над регионалниот просек, е потврдена во последното издание на Светските индикатори за управување. Потребен е понатамошен напредок за приближување на институционалната рамка кон стандардите на ЕУ, подобрување на политичката стабилност и практики за управување со инвестиции.

За време на мојата средба со премиерот Заев во Скопје, ја потврдив нашата посветеност за понатамошен придонес кон конкурентноста на економијата на земјата, како и нејзината транзиција кон позелен и поодржлив економски модел. Очекуваме да ја продолжиме блиската соработка со владата, РБСМ, ЕУ и другите финансиери во земјата, за претворање на сегашните и идни проекти во вистински успех од корист на граѓаните на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2021 11:24