Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје распишува конкурс за Меѓународниот фестивал на бајката 2021, што ќе се одржи онлајн и со физичко присуство на крајот од декември.

Конкурсот е за бајки и илустрации на бајки наменети за деца од градинка и основно училиште.

На конкурсот може да учествуваат автори од државава и од странство со неограничен број на свои бајки. Обемот на бајките треба да биде од една до десет страници А-4 формат. Инаку, нема никакви други ограничувања на темите и возраста на авторите. Учесниците на конкурсот од соседните земји бајките треба да ги испраќаат на својот мајчин јазик, а авторите од Европа и светот на својот мајчин јазик и во превод на англиски јазик.

Сите бајки треба да бидат задолжително со машки или женски лик – девојче или момче, или со двата лика заедно. Значи, главни ликови треба да бидат децата кои се во центарот на вниманието и се се врти и случува со и околу нив. Тие како ликови имаат позитивни и негативни особини, а приказните треба да бидат необични, современи, духовити, оригинални и поучни. Бајките треба да бидат прилагодени на детската возраст. Целта е да се искреираат два детски лика – девојче и момче, кои потоа ќе бидат и илустрирани и со нив ќе се објавува серијал со најразлични ситуации и приказни. Покрај текстовите може да се испраќаат и илустрации (цртежи во боја, слики и слично) на двата главни детски лика – девојчето и момчето.

Исто така, може да се испратат и предлози за имињата на главните ликови – девојче и момче, од кои ќе бидат избрани и двете најпопуларни имиња кои потоа ќе бидат прогласени за јунаци на серијата од изданија и украсни и други подарочни предмети.

Најдобрите бајки и илустрации ќе бидат објавени во повеќе посебни книги (сликовници) со главниот машки и женски лик за што авторите ќе добијат награда – уметничка слика и признание за најдобра авторска бајка и илустрација. Бајките, илустрациите и имињата на главните детски ликови треба да се испраќаат до 1 ноември на мејлот: info@inaku.mk, со напомена: за Фестивалот БАЈКА 2021. Авторите заедно со своите бајки и илустрации треба да испратат и своја кратка биографија и фотографија на истиот мејл.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2021 15:28