Годинашниот добитник на Европската награда за книжевност, „Замалек“, од Дејан Тиаго Станковиќ, како и двата романи-добитници на престижната награда на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади во Србија: „Црната птица“ од Александра Јовановиќ и „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми, беа промовирани на Саемот на книгата 2021. Книгите, кои на македонски јазик се во издание на „Арс Ламина“, се едни од најчитаните на ова саемско издание.

Авторот Дејан Тиаго Станковиќ е роден во Белград во 1965 година, каде што живеел до дипломирањето на факултетот по архитектура, со која потоа никогаш не се занимавал... Денес живее на релација Србија-Португалија. Во одреден дел од животот престојувал во Каиро, каде што ја нашол инспирацијата за романот „Замалек“. Имено, називот е според елитна населба во срцето на Каиро. На островот среде Нил со децении постоела антикварница преполна со најразновидно богатство како пештерата на Али-баба.

Еден од главните ликови во делото, Арна, е инспириран од реална жена, која Тиаго Станковиќ ја запознал во Каиро, а која му раскажала многу приказни, што се нашле во романот.

Во романот „Замалек“ оваа антикварница, најпозната во тој дел на светот, ја воделе Коста, познат египтолог, и неговата поќерка Арна, сè додека к’сметот, поради некои мистериозни гревови на Коста, не решил поинаку. Оваа приказна, во која се мешаат овоземскиот и задгробниот живот, не можела да се случи на никое друго место, освен во Каиро, па тој пустински мегалополис, неговата тивка махала Замалек, луѓето, обичаите и жештината на градот се еднакви важни јунаци во романот исто како и антикварот Коста и раскажувачката Арна, прашината што постојано паѓа и Нил, кој тече како животот.

– Книгата ќе им се допадне на тие што го сакаат Каиро или што биле таму. Каиро е феноменален и многу поразличен од нашите држави. Кога првпат ќе појдете ќе се воодушевите од неговата магија и егзотичност. Но, колку подолго ќе престојувате, толку повеќе ќе се запознаете со тамошната култура, луѓето и начинот на живеење и ќе ги согледате и недостатоците. Во Каиро имав повеќемесечни престои во текот на четири години, па она што го доживеав таму и приказните што ги чув таму ги раскажав во ова дело. Романот го почнав како патопис, а ликовите и дејството почна да се развиваат дури кога почнав да ги запознавам жените кои живеат во Каиро. Навистина е тешко да си жена таму, без разлика дали се трајни жители или, пак, привремени доселеници. Тие се на постојана мета на дофрлувања и ограничувања. Развив емпатија кон жените таму и на крајот всушност ова излезе една женска приказна – рече авторот.

Писателскиот занает го научил од најдобрите, преведувајќи книжевни дела. Со текот на годините објавил преводи од португалски на српски и од српски на португалски. Особено е горд на преводите на Сарамаго, Иво Андриќ и Драгослав Михајловиќ. Со објавување на сопствени дела почнал подоцна во животот, дури во своите четириесетти, кога бил сигурен дека има што да каже. Најпрвин ја објавил книгата раскази „Од каде што бев, веќе не сум“, па романот „Есторил“, кој е преведен на големите светски јазици и награден во Србија и во Велика Британија, а во Португалија станала училишна лектира. „Замалек“, неговиот трет роман, неодамна ја доби Европската награда за книжевност, но книгата досега немала физичка промоција.

– Ова е прва ваква промоција на книгата и драго ми е што е во Скопје, каде што имам доаѓано како дете, бидејќи оттука потекнува едната моја баба. Сите мои книги се објавени и на македонски, а преводот на сите три го направи Илина Јакимовска, која ја гледав на еден „Тед ток“ и помислив дека е многу смешна... Ја контактирав, велејќи ѝ – многу си ми духовита... така станавме долгогодишни соработници и пријатели. Таа во многу нешта ме дополнува и ме коригира. Па, можам слободно да кажам дека со преводот таа го поправи мојот роман – рече Тиаго Станковиќ.

Романот „Црната птица“ на Александра Јовановиќ (1996) е добитник на наградата на „Политикин забавник“ – најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2020 година. Ова е прв роман на најмладата добитничка досега на оваа престижна награда што се доделува од 1979 година.

Насловот на романот – „Црната птица“, иако можеби на прв впечаток асоцира на несреќа, во суштината е одлично извлечен од приказната, каде што црната птица е еден вид лик, лик во ликот, книжевен „жител“ во песната на таткото на Желба и, сосем спротивно од првиот впечаток, симболизира надеж и истрајност. Верба. Починатиот татко на главниот лик, девојчето Желба, чиешто име е необично и менливо/преводливо од јазик во јазик, е клучниот лик во овој роман... Целта на овој роман е да не нè залажува дека сè ќе биде исто, оти тоа е неможно, туку да покаже дека и најстрашните загуби што се ненадоместливи, можат да бидат премостени. Крајот на романот не е и не може да биде класичен „хепиенд“, зашто загубата на татко никогаш не се надоместува, ниту, пак, се заборава. А сепак е оптимистичен, разумно среќен, зашто болката успева да се премости, со помош на пријателството...

Преводот на македонската верзија во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е Бисера Бендевска, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. На саемот, Јовановиќ зборуваше за значењето на наградата на „Политикин забавник“, за тоа како настанало делото, за инспирацијата и за пораката.

– Искрено, не ја очекував наградата на „Политикин забавник“, бидејќи, пред сѐ, не ни знаев дека мојот српски издавач конкурирал со книгата за оваа награда. Дознав дури кога книгата влегла во потесниот избор. Тогаш почнав да се надевам, мислејќи колку би било убаво да ја добијам награда... Еден ден, додека миев садови и извршував некои домашни обврски, добив телефонски повик од непознат број. Е, тогаш си помислив дека можеби се јавуваат поврзано со наградата... Кога ми соопштија, викав и скокав од радост. За мене е огромна чест што ја добив оваа престижна награда за најдобра книга за деца и млади на „Политикин забавник“. Поминаа повеќе месеци и сѐ уште не ми се верува дека ја добив наградата – рече авторката. Книгата првично ја напишала како филмско сценарио, во четврта година на студиите по драматургија, кај проф. Срѓан Кољевиќ. По препорака на професорот, текстот го преработила во роман. Ракописот долго време стоел, сè додека еден ден не одлучила да го испрати во издавачка куќа.

– Оттогаш „Црната птица“, симболички кажано, доби крилја, полета и еве сега слета и во Македонија. Ова е прв превод на книгата надвор од Србија... Инаку, книгата, иако е богата со фикција, сепак инспирирана е од вистински дел од мојот живот. Имено, мојот татко загинал додека сум била бебе и никогаш не успеав да го запознам. Значи, исто како Желба, и јас го имам изгубено својот татко, со таа разлика што нејзиниот починува на нејзини 11-12 години... Цел живот се соочувам со оваа загуба. Во детството не наидов на некоја книга, филм, серија или музика што би ме утешила на начин на кој јас верувам дека оваа книга може да ги утеши, не само децата туку и родителите и кој било возрасен кој се соочува со загуба, особено во ова денешно време... Ми недостигаше некој или нешто што ќе ми каже, „во ред е Александра, ти си храбра, ти можеш да го пребродиш тоа“ – рече Јовановиќ.

Младиот српски автор Стефан Тиќми се стекна со голема почит и популарност со неговиот дебитантски роман „Јас сум Акико“. Книгата досега има добиено голем број награди, меѓу кои и за најдобра книга за деца од „Политикин забавник“ за 2018 година, а истото признание го освои и на Саемот на книгата во Херцег Нови. Книгата има тираж од преку 22.000 во Србија, девет изданија, а за само неколку месеци тоа е една од најбараните книги за деца и кај нас. Корицата на македонското издание на „Јас сум Акико“ ја изработи нашиот илустратор и автор Ване Костуранов, преводот е на Елена Пренџова. а е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

На промоцијата Тиќми откри дека романот го напишал за седум дена, но и дека ова не било првичната верзија...

– Кога некој ќе го купи романот „Јас сум Акико“, мисли дека купил една книга. Но, за тие пари ќе добие уште една, која е невидлива. Таа книга е всушност романот што заврши во канта за отпадоци. Тоа беше мојата подлога за да ја напишам „Јас сум Акико“... Всушност, сите необјасниви и необични ситуации во романот, на пример дека кожата на Акико мириса на стара хартија, беа објаснети во тој „невидлив“ роман. Сите тие податоци ги има во своето сеќавање и потсвест, но читателот нема поим за нив. Во објавената книга тие се нафрлени поетски слики. Па, на режисерите (театарски и филмски) сега им е полесно од тие слики да создадат некои свои слики. Книгата, ако може да се објасни со едноставни зборови, ја замислив како патот до средбата на две личности, во случајов главниот лик (Акико) се среќава со својот прв пријател (Марсело). Во потсвеста го имав Кафка, кој кажал дека книгата мора да биде секира за замрзнатото море во нас. Таа негова секира ја искористив трипати. Книгата има буквално три краја, односно ја завршувам трипати – рече Тиќми.

Врз основа на приказната за Акико, во Србија веќе има театарска претстава, а наскоро ќе се сними долгометражен цртан филм, со поддршка на Филмскиот центар на Србија. Тиќми работи на сценариото. За овој трансфер во жанрот од роман во филм и од сценарио за филм во роман, за време на престојот во Скопје, Тиќми и Александра Јовановиќ одржаа предавања за студентите од Факултетот за драмски уметности.

Ова книга за деца, но и за возрасни. „Јас сум Акико“ е кус, лирски, поетски роман за осаменоста на едно девојче кое живее само со својот татко, нема пријатели и е сосем различно и поинакво од сето она што се подразбира под девојче во пониските одделенија на училиште. Акико е девојче со пеги кое не ги сака границите. Го сака својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. Вратите (на световите) ги отвора со виолински клуч, носи чевли број А4, вози срце со помошни тркала наместо велосипед. На другите им изгледа необично, но животот ќе ѝ се смени благодарение на Баобаб и Марсело. Пешкирот и Баобабот се скалила кои ја носат Акико до Марсело, нејзиниот прв вистински пријател.

Тиќми е истакнат нов автор во српската книжевност за деца и млади. Неговото пишување е опојно како стиховите на Миќа Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, духовито и топло како текстовите на Игор Коларов. Познат е по тоа што во населбата Анчики, блиску до неговиот роден град Лесковац, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5.000 книги. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик.

За време на својот престој во Скопје, Јовановиќ и Тиќми одржаа предавања за учениците од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“. Тие зборуваа за тоа како е да се биде млад автор и како ги напишале своите успешни романи. Во рамките на Саемот на книгата денеска (12 септември), во 19 часот, на главната бина, „Арс Ламина“ ќе организира „Ноќ на домашни трилери“, на која ќе бидат промовирани четири нови македонски романи: „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска, „Опасна игра“ од Мери Арсова и „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски. Утре (13 септември, понеделник), во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе биде претставена книгата „Животниот пат на иноваторот“ од Јоти Поповски. На првите саемски денови се одржаа промоциите на: романот „Веќе не сум истиот“ од познатиот пантомимичар и режисер Војо Цветановски, илустрираната енциклопедија „Кинески мозаик“ од проф. Виктор Урумов, романот „Деса“ од универзитетската професорка, книжевна истражувачка и критичарка Ивана Трајаноска. Покрај промоциите, на штандот на „Арс Ламина“ се одржаа средби и потпишување книги со авторите: Владимир Плавевски, Васко Тодоров (Тошо Малерот), Јана Мишо, Јагода Глигоровска, како и работилници за деца и родители инспирирани од четирите психолошки прирачници за деца од психологот Христина Стефановска, „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“ и од интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2021 16:38