Група граѓани кои имаат живеат и имаат викендички покрај алтернативниот пат Куманово – Свети Николе, денеска мирно протестираа и два часа го блокираат патот кој компанијата изведувач го направи за потребите на населението од околу 15-тина села додека трае изградбата на „Искрин Мост“. Мостот поради оштетување на едниот столб се санира од 23 јули, годинава.

Жителите бараат асфалтирање на алтернативниот пат, поставување соодветна сигнализација и изградба на алтернативниот мост на реката Пчиња, каде сега се движат жителите на селата од поранешната општина Орашац. Учесниците на протестот велат дека алтернативниот пат и мост се небезбедни и очекуваат влошување на состојбата при есенски дождови.

– Овој алтернативен пат и мостот воопшто не се безбедени, нема соодветна сигнализација, искршивме автомобили, отсечена се од Куманово, петнаесетина села. За проблемот информирани се сите засегнати страни, ресорното министерство, претпријатието, локалната власт од каде ни кажаа дека го разбираат проблемот, но дека не се надлежни за негово решавање. Од прашината и дрвјата посивеа, рече Дејан Петровиќ.

Неговиот сосед Горан Зафировиќ, вели дека поради немање сигнализација често се случува возачите да изгубат ориентација.

– Голем број граѓани не знаат каде да одат, се губат, доаѓаат во нашите куќи прашуваат. Би требало да се стават табли пример Куманово – Свети Николе, бидејќи тука има многу мали патишта, вели Зафировиќ.

Сопствениците на викендички велат дека има исклучителна опасност поради гасоводната мрежа.

– Тука минува гасовод низ река, не е заштитен, на секој премин ставаат двојна цевка, тука не знаеле дека возила ќе минуваат и цевките не се ставани двојно, а тука нонстоп одат шлепери и мостот е паднат од шлепери, не од лесни возила. Гасоводот ако експлодира тука до Скопје цевките ќе ги крене, изјави Звонко Стојчевски кој живее покрај алтернативниот пат.

Мештаните велат дека по првиот протест им било ветено дека ќе се направи алтернативниот пат со гребен асфалт.

– Направија 50 метри асфалт ставија и друго ништо. Доколку не се направи ништо, доколку не преземат некои мерки што треба да ги преземат, нам ќе ни остане само едно, да штрајкуваме, ќе блокираме пат во Доброшане, вели Мице Стојмановски од селото Орашац.

Од ЈПДП инфорираат дека мостот над река Пчиња е затворен за сообраќај со решение од Инспекторатот за транспорт и врски и Министерството за транспорт и врски.

– Со оглед на ова, сообраќајот за лесни и тешки товарни возила треба да се одвива по автопатот Миладиновци – Свети Николе, а не по алтернативниот пат како што сега го користат одредени учесници во сообраќајот. Алтернативниот пат е наменет за движење само на локалното население од околните села до градот Куманово и обратно. Тој е краток и води до локалниот пат на кој потоа се приклучува. Алтернативниот пат кој почнува од пред мостот и се симнува под мостот, е асфалтиран и се поставени семафори за наизменично пропуштање на возилата, потоа кратко патот продолжува преку цевасти пропусти кои се поставени над река Пчиња и веднаш потоа се приклучува на локален тампониран пат. Јавното претпријатие за државни патишта нема надлежност да подобрува локални патишта, соопштија од ЈПДП.

Оттаму велат дека сообраќајна сигнализација е во согласност со решението за запирање на сообраќајот по мостот издадено од Министерството за транспорт и врски.

– Да напоменеме дека предвиденото време на затворање на мостот е времено, во времетраење од сто дена и е донесено исклучиво поради безбедноста на учесниците во сообраќајот, наведуваат од ЈПДП.

„Искрин Мост“ беше затворен на барање на изведувачот поради оштетувања на столбот C5 по поплавите во јануари, годинава, информираа претходно од Јавното претпријатие за државни патишта и најавија дека санацијата ќе трае 100 дена.

Реконструкцијата на мостот треба да заврши до август 2022 година.

Мостот над Пчиња познат како „Искрин Мост“ е еден од најдолгите во државата – 335 метри, изграден пред 50-тина години. Последнава деценија беше во исклучително лоша состојба. Реконструкцијата почна во јуни, лани.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2021 22:15