Завршниот турнир за 2021 година на кој ќе настапат осумте најдобри тенисерки во светот е преместен од кинески Шенжен во мексиканскиот град Гвадалахара, соопшти вечерва ВТА.

Турнирот започнува на 8 ноември, а ВТА не ја соопшти причината за преместувањето на завршницата, додавајќи дека турнирот идната година се враќа во Шенжен.

Претходно годинава голем број спортски настапи беа преместени од Кина поради патните ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирус.

– Одушевени сме поради тоа што завршниот турнир оваа година ќе биде во живописниот град Гвадалахара, изјави извршниот директор на ВТА, Стив Сајмон, напоменувајќи дека Мексико за прв пат ќе биде домаќин на најдобрите светски тенисерки.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2021 22:51