Британскиот туристички сектор подготвува нов бран отпуштања поради рестриктивните владини регулативи за патувања што ја уништија летната сезона, соопшти денеска здружението АБТА.

Новите резервации за ова лето беа 83 проценти пониски од нивото пред пандемијата, така што повеќето членки планираат да отпуштат повеќе работници кон крајот на овој месец, кога Владата ќе ги прекине сите преостанати субвенции, соопшти здружението кое опфаќа повеќе од 4.300 туристички брендови.

Авиокомпаниите и туристичките компании ги критикуваа владините регулативи за патување, тврдејќи дека се премногу скапи и комплицирани, но и одговорни за уште една изгубена сезона на летни годишни одмори.

– Владините мерки за патување ја уништија продажбата на аранжмани за ова лето, загрозувајќи ги работните места, бизнисите и поврзаноста на Британија со светот, рече извршниот директор на АБТА, Марк Танзер.

Новиот бран отпуштања ќе го зголеми бројот на изгубени работни места во туристичкиот сектор поврзани со пандемијата, на ниво од 100 илјади, или на 226 илјади кога ќе се додадат компании во синџирот на снабдување, соопшти АБТА.

Тие се придружија на авиокомпаниите и аеродромите кои бараат од Владата укинување на задолжителните ПЦР тестови за целосно вакцинирани патници кои се враќаат во Велика Британија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2021 02:14