Канал 5 има чест да ви го најави одлучувачкиот ДУЕЛ ЗА ИДНИНАТА, помеѓу најголемите политички опоненти во Македонија, Премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Првиот, лидер на СДСМ, роден 1974 год во Струмица, долгогодишен нејзин градоначалник, како премиер на Македонија успеа политички да преживее голем дел на обвинувања и афери пласирани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Дали ќе ги „преживее“ локалните избори во Октомври?

Вториот, лидер на ВМРО-ДПМНЕ , роден 1977 год во Скопје, со богато академско искуство, како лидер на најголемата опозициска партија од 2017 год. не успеа да ги валоризира сите обвинувања и афери за СДСМ во изминативе три години и да ја преземе позицијата прв човек на Владата на Македонија. Дали овие локални избори ќе му бидат – трета среќа на Мицкоски

Пожарот во модуларната болница во Тетово, како и претходната трагедија со бугарските туристи во Охрид само го потврдува трулежот на нашиот општествен систем. Кој е некрофиличар а кој е некрофобичар и емпат?

Пожари и пасоши, антиваксери и тендери, кичевци и катици, транзиции и октоподи, галии и споменици, плацеви патишта и Будимпешти...што уште требаше да ни се случи во изминативе 30 год за да речеме – доста беше?

Кој лидер е за правда и европска Македонија, а кој моли правдата да ја нема и да не влеземе во ЕУ? Дали пописот ќе не зближи со сограѓаните или резултатот ќе предизвика нови поголеми поделби меѓу нас?

Сите овие прашања и дилеми ќе ги поставува Гоце Михајлоски, а под жешките рефлектори во студиото на Канал 5 ќе бидат Христијан Мицкоски и Зоран Заев, во ДУЕЛ ЗА ИДНИНАТА , во Само Вистина, во понеделник 20 септември во 18 часот на Канал 5 Телевизија!



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2021 03:06