Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ( МАПАС) со низа активности го одбележува 15 септември – Денот на пензиската свесност со цел да ја подигне јавната свест за пензискиот систем и да ги поттикне граѓаните да се информираат за правата, обврските и придобивките од задолжителните и доброволните пензиски фондови.

Во 18 часот денеска МАПАС преку својата фејсбук страница организира квиз на знаења, а најуспешниот натпреварувач, оваа недела ќе биде награден со таблет. Квизот ќе се одржува еднаш неделно во текот на три недели во живо.

МАПАС организираше и ликовен конкурс за деца на возраст од 6-11 години на кој учесниците испраќаа свои цртежи. Најдобрите цртежи ќе бидат подарени во домови за стари лица, авторите на најдобрите цртежи ќе добијат подароци – училиштен прибор.

– Секој човек има право на удобни пензионерски денови и квалитетен живот, а за тоа е важна пензијата. Затоа постојано работиме на подигнување на свеста кај младите, за повеќе да се информираат и да ги користат можностите на пензискиот систем. Едукацијата и информирањето на јавноста е долготраен и континуиран процес. Целта е подигнување на свеста кај населението за придобивките и карактеристиките на тростролбниот систем како важен дел од социјалното осигурување. Нашата постојана посветеност за пензиска едукација на населението дава позитивен резултат, а ние и во иднина ќе продолжиме со едукативните активности, вели Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Капитално финансираното пензиско осигурување има вкупно шест пензиски фондови, три задолжителни и три доброволни. Повеќе информации за задолжителните и доброволните пензиски фондови, за регулативата и нејзините промени, како и за правата и обврските на членовите може да се најдат на интернет страницата www.penzija.mk



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2021 16:22