Македонската женска фудбалска репрезентација денес го одработи последниот тренинг пред заминувањето за Англија за воведниот меч од квалификациите за Светското првенство 2023.

„Црвено-жолтите“ против Англија која е топ фаворит во групата ги започнува европските квалификации за Мундијалот во Австралија и Нов Зеланд.

Средбата со Англичанките е на 17 септември во Саутемптон, а четири дена подоцна на Националната арена „Тодор Проески“ доаѓа селекцијата на Австрија.

Капитенот Наташа Андонова шансата за остварување на поволен резултат ја гледа на дуелот со Австрија пред домашната публика.

-Не очекуваат два натпревара против силни репрезентации. Селекцијата на Англија е апсолутен фаворит во групата, ќе биде многу тешко да се игра против нив. Австрија не е на рамниште со квалитетот како Англија и сметам дека шансата за освојување на бодови треба да ја бараме на тој меч. Секогаш се обидувам да гледам реално на работите, така и овој пат. Мислам дека не треба да очекуваме некакво чудо во овие квалификации, треба само да продолжиме напорно да работиме и да ги слушаме советите од нашиот селектор. Објективен проблем претставува фактот што во овој состав на Македонија има фудбалерки претежно од домашното првенство кои немаат големо меѓународно искуство за разлика од другите селекции. Работевме напорно овие неколку дена, имаме одлична комуникација со селекторот, позитивни сме, владее одлична атмосфера и ќе пробаме сето тоа да го искористиме за што подобро да одиграме на овие два натпревара, изјави Андонова за официјалната веб-страница на ФФМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2021 17:52