„Најпрвин да изразам сочувство до починатите пациенти во болницата во Тетово, не е страшно да се преземе одговорност. Одговорност е голема доблест што треба да се понесе доколку сакаме да бидеме сериозни политичари и да се приближиме до европските вредности кон кои што се стремиме“, истакна Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Ковачки потсети на случајот со прислушкувањето во Јавното обвинителство пред две години. Случај кој што помина така во јавноста со неколку прес конференции, неколку најави дека ќе има истрага за случајот но меѓутоа случајот се стави на страна, под тепих. Иако се знае дека кога се прислушкуваат јавните обвинители, тој што ги прислушкувал тој за нив има материјали со кои што може понатаму да ги условува и да влијаат на водењето на понатамошните истраги на самото обвинителство. Тука граѓаните не видоа одговорност ниту од еден политички фактор во државата. Немаше ниту одговорност за случајот „Рекет“, тука одговараа само специјалната обвинителка и Бојан Јовановски. Такви случаи како овие имаше доста но за ниту еден случај политичарите од власта не понесоа одговорност.

„За жал не видовме ниту одговорност во случајот со вакцините, само ќе потсетам кинеските вакцини, фантомската фирма од Хонг Конг. Едноставно вие да нарачувате во ек на светска криза, здравствена криза, во пандемија да сакате да на грбот на граѓаните да печалите и притоа пак да не носите одговорност откако ќе ве фатат, мислам дека е неодговорно кон самата држава и кон самите граѓани“, појасни Ковачки.

Ковачки додаде дека и за бразилските респиратори министерот за здравство не понесе одговорност.

„Не видовме одговорност и во делот ако сакате на министерството за внатрешни работи, во делот на акцијата „Планина“. Ќе потсетам тогаш, тогашната и се уште обвинителка Вилма Русковска кажа дека акцијата е пробиена од кртови од врвот во МВР. И никому ништо, никој не понесе одговорност ниту политичка, ниту кривична“, нагласи Ковачки.

Ковачки посочи дека Македонија е членка на НАТО, но со вака непонесување на одговорност за скандали и случаи државата станува извор на нестабилност и за самото НАТО.

„За случајот во Тетово што се случи пред седум дена никој не поднесува одговорност. Зошто? Го слушаме премиерот Заев како кажува дека ќе ја почекал истрагата да заврши, па ќе видиме дали ќе бара одговорност. Знаете, морална одговорност е нешто што го имате или немате. Не треба некој да ви кажува. Ако вие сте донеле одлука дека поднесувате оставка од морални причини, вие тоа го правите и си заминувате веднаш истиот момент. Вие не чекате дали тоа ќе се прифати или нема да се прифати. Така е логиката на нештата“, рече Ковачки.

Ковачки додаде дека Заев не може да чека да заврши истрагата, ако чека да заврши истрагата може да се случи утре неговиот министер да биде изнесен со лисици од тоа министерство. И тука веќе нема да има потреба од оставка.

„Модуларните болници требало да бидат по наши стандарди, по законот како што е пропишано. Дали согласно нашиот закон за заштита и спасување, има таму еден член 70 кој што предвидува Дирекцијата за заштита и спасување има свои овластени лица кои што треба да извршат увид и контрола на противпожарната заштита, на објектот пред да биде пуштен во употреба. Дали е тоа направено? Или не е направено? И ако е направено, како е направено? Јас се сомневам дека е воопшто направено“, рече Ковачки.

Ковачки потсети дека имаше информации за модуларната болница во Тетово дека немало извршено и технички прием.

Ковачки се осврна и за ситуацијата во министерство за одбрана.

„Global Firepower, светско истражување кажува дека од моментот на доаѓање на министерот Шекеринска во делот на одбраната пред две години македонската Армија била на 127 место, после нејзиното доаѓање сме паднале шест места. И сега сме шести но од позади и тоа токму поради неодржување на системите, исфрлање на системите од употреба. Реално треба да се носи одговорност и за оваа работа“, истакна Ковачки.

Ковачки додаде дека министерството за одбрана дали е подготвено да изврши уставни обврски треба да се праша министерот за одбрана. Ама министерот за одбрана да даде реален и вистински одговор, а не со празни флоскули дека се е во ред и дека сите мерки се преземени.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2021 02:36