На првиот Американско-црнoгорски економски дијалог што се одржа денеска беше истакната можноста да се зацврсти економското партнерство меѓу сојузниците на НАТО и да се поддржи пристапот на Црна Гора во ЕУ, се вели во денешното соопштение од Стејт департментот.

На видео-конференцијата учествуваа премиерот Здравко Кривокапиќ, потсекретарот за еконономски развој во Стејт департментот, Хозе Фернандез, службеникот Мат Мјуреј од Бирото за економски и бизнис работи, како и други официјални претставници од двете влади.

Дискусијата беше за заедничките заложби на САД и Црна Гора за нови економски, трговски, инвестициски и комерцијални можности со дадена поддршка за влез на земјата во ЕУ, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

„Се дискутираше и за заедничките напори за зацврстување на бизнис климата во Црна Гора, максимизација на билатералната трговија и инвестиции, вклучувајќи го потенцијалот на трговската мисија на САД во Црна Гора во 2022 година со фокус на обновливите енергии, како и информациско комуникациските технологии“, се вели во соопштението.

„Дискутантите разговараа за унапредувањето на економската моќ на жените, како жени претприемачи. Двете држави исто така ја истакнаа важноста од создавање политичка рамка за заштита на критичната инфраструктура, вклучувајќи ги телекомуникациите и кибер мрежите од надворешни влијанија“, се додава во сопштението.

САД го истакнаа своето задоволство од црногорскиот напредок во имплементирање на отворени економски и инвестициски политики и учеството во регионалниот економски просперитет. Двете земји воспоставија работни групи на овие полиња.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 00:47