Недостигот од храна во шумските предели кои беа опожарени во Пијанечко-Малешевскиот регион повторно ги натера волците да се спуштат во блиските села. Во последниот случај волк е забележан во центарот на село Владимирово.

Волкот како што велат жители е виден уште пред две недели во близина на црквата, а ова е прв пат како е забележан и во самото село.

– Волкот не беше агресивен, си одеше по патот и си продолжи по улицата надолу од првата продавница. Не беше голем и не правеше никакви проблеми – вели жителка на Владимирово.

Други жители додаваат дека најмалку 5 волци во изминатиот период се забележани во атарот на ова беровско село. Последен пат како што додаваат тие еден од нив е забележан во близина на селската црква.

Иако волците се забележани и на други локации засега како што додаваат не е регистрирана поголема штета врз стоката која ја одгледуваат сточарите од Пијанечко-Малешевскиот регион.

Освен волци во беровско деновиве во повеќе рурални средини како што информираат земјоделци, забележливи се диви свињи во неколку делчевски села. На удар на дивите свињи е се уште несобраниот род, пченка и компирот кој вообичаено се ,,прибира” од нивите на почетокот на есента.

Ловџиите кои се подготвуваат за почетокот на ловната сезона која стартува на 1 октомври ја потврдија информацијата, додавајки дека главната причина за нивно „спуштање“ во пониските средини е недостигот на храна.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 01:55