Претставници на граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ денеска на прес-конференција кај модуларната болница, порачаа дека осум дена по трагичниот настан во кој 14 пациенти ги загубија животите, се уште нема никакво конкретно преземање на одговорноста за тоа. Според нив, досега само се дебатира за прифаќањето или неприфаќањето на оставките.

– Ова претставува намерно тактизирање со цел релативизирање на состојбата, преку која се обидуваат да ја избегнат одговорноста. Ова што се случи во Тетово е само врвот на ајсбергот (мразот н.з) и е доказ на криминалот кој е вкоренет во државните структури. Оваа болница со години нананзад е во мизерни услови, со нечовечки услови, со хигиена и безбедност вон сите стандарди, и сето ова како последица на заложништвото од страна на политичките партии. Самиот факт што меѓу жртвите има и членови на семејствата кои биле приморани да се грижат за нивните блиски, претставува уште еден криминален чин за кое Обвинителството треба да бара кривична одговорност од раководството на болницата. Со ова, треба да се стави крај на раководењето на тетовската болница од страна на партиски кадри, бидејќи партизираното здравство ќе продолжи да создава трагични настани како овој настан. рече Хамди Сулејмани од „Подобро за Тетово“.

Тој вели дека правдата во државата многу пати не е задоволена поради притисокот, корупцијата и заканите.

– Нашето барање за одговорност за 14-те жртви во никој случај не треба да се смета како политизација на трагедијата. Истрагите треба да се спроведат без да се поштеди било кој и без разлика на нивната државна или политичка позиција. Нула толеранција за културата на неказнивост. Доста е, бидејќи злобата зеде преголем замав. Во спротивно, реакцијата на тетовчаните ќе биде многу остра. Да го направиме Тетово град со безбедна и функционлна болница за сите, истакна Сулејмани.

Тие оставија транспаренти со пораки „Неодговорноста има име“, „Корупцијата убива – се виде“, „Доста за партиски директори во нашата болница“ и други.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 01:55