Четириесет и второто издание на „Браќа Манаки“ треба да покаже дека фестивалот е жив, витален и опстојува покрај сѐ, како што мораме и во секој друг сегмент од животот да продолжиме понатаму со оптимизам и надеж и покрај сите тешкотии и проблеми кои не притискаат секојдневно, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на фестивалот на филмска камера синоќа во Битола.

Пендаровски, кој е покровител на манифестацијата, истакна дека благодарение на фестивалот, Битола и Република Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите и останатите филмски работници од сите светски меридијани.

-Годинава и покрај тоа што како и целиот свет сѐ уште се бориме со пандемијата имаме фестивал во целосен формат, за што најискрено им честитам на организаторите, на сите поддржувачи и фанови на фестивалот и секако на драгите гости кои дојдоа во Битола. Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови, нѐ потсетија колку подвижните слики се неопходни за нашите животи. Исто така, не натераа да ја видиме разликата помеѓу малите екрани и магијата на големото платно. Да се надеваме дека нашите животи ќе се вратат во нормала, ќе има се помалку ограничувања, а сѐ повеќе можности за животни радости и за дружење со уметноста, наведе Пендаровски.

Новото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ почна со музички настап на Каролина Гочева, која придружувана од Никола Мицевски на пијано изведе неколку нумери од филмови. На отворањето беше прикажан филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума.

-Изминативе неколку недели се околу нас инаетливо ни посочуваше дека нема да не биде и дека ќе се прекине филмот што го сонуваме. Се случија многу непредвидливи нешта. Покрај двегодишниот хорор филм наречен Ковид-19 проживеавме уште неколку филмски жанрови. Имавме драма, помалку трагедија, трилер, акција и се заврши со комедија. Но, и покрај се продолживме да сонуваме и тој сон сега го споделуваме со вас во реалноста. Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот- а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри. Затоа кога е најтешко, како во ова време-невреме, кога не бевме сигурни ни дали воопшто ќе имаме гости на Фестивалот, ние решивме да доделиме не една, туку две специјални камери 300 за особен придонес во филмската уметност. На двајца исклучителни уметници, рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски.

-Годинава добитници на специјалната камера 300 за особен придонес во филмската уметност се: Андреј Кончаловски, рускиот волшебник на филмската магија и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика. Фестивалот „Браќа Манаки“ ја слави филмската магија која преку визуелната магија за нас ја создаваат генијалците. Досега на сцената на Фестивалот застанале најголемите волшебници на таа филмска магија, а синоќа во Битола беше 42-от гениј, преку чие чудесно око до нас допира светот на соништата. На Кристијан Бергер, австрискиот волшебник зад камерата, му беше доделена наградата „Златна камера 300“ за животен опус, стои во соопштението од ИФФК „Браќа Манаки“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 10:57