На улица „Македонија“ во центарот на Скопје денеска и утре од 18:30 до 21.30 часот ќе се одржува петтиот уличен уметнички фестивал за живи статуи „Статуафест – Скопје на улица“, во организација на Зружението на граѓани ТимТеатросК, со поддршка од Театар за деца и младинци и под покровителство на Град Скопје.

Организаторот најави дека годинава, како и минатата година, на фестивалот ќе настапуваат исклучиво домашни артисти зашто основна цел на театарската компанија за улична уметност е да создаде пообемна домашна продукција каква што ја има насекаде по светските фестивали.

– Некои од артистите ви се веќе познати, оние кои биле на „Статуафест“ ќе имаат можност да ги препознаваат, но се разбира се појавуваат и дебитанти што нам ни е од огромна важност бидејки интересот за овој вид уметност расте од година во година. Се разбира, артистите овојпат ќе бидат во сосема различни улоги, соопшти Здружението ТимТеатросК.

Темата на годинашниот „Статуафест – Другото лице на улицата“ е „Скопје на улица“. Како што наведува организаторот – во преносна смисла „Статуафест“ ќе биде огледало на самите нас односно „што се прават скопјани во текот на едно деноноќие движејки се забрзано или, пак, бавно низ улиците на нашиот град“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 11:01