Во виничкото село Блатец почнаа градежните работи за докомплетирање на главниот цевковод, со што ќе се обезбеди приклучување на сите домаќинства на јавната водоводна мрежа.

Инвестицијата е во вредност од над 1,5 милион денари, што Општина Виница ги обезбеди како поддршка од Бирото за регионален развој на Министерството за локална самоуправа.

-Цевководот е со должина од над 830 метри, при што ќе се користат полиетиленски цевки со пречник од 60 до 160 милиметри, во зависност од потребата. Дополнително, ќе се изградат неопходните шахти и ќе се постави придружна опрема за нормално функционирање на системот за водоснабдување. Со неговото комплетирање ќе се овозможи проширување на секундарната мрежа, односно и домаќинствата кои досега немаа можност да се приклучат, во иднина да добиваат вода за пиење од јавниот водовод, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Изведувач на градежните работи е компанијата „Коп инженеринг“ од Скопје која има обврска поставувањето на цевководот да го заврши во рок од четири месеци.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 15:45