Здружението за култура „Транзен“ ја издаде монографија насловена како „Сто години струмичка ликовна уметност“ по повод претстојното отворање на новата Градска галерија во Струмица, кога и ќе случи промоцијата со изложба од делата на авторите застапени во неа.

– Се работи за истражување кое опфаќа период од 1921 до 2021 година, време во кое се одвива континуиран ликовен живот во Струмица и Струмичко. Во монографијата се застапени 150 репродукции во боја, текстови од историчари на уметноста, рецензии од каталози, сведоштва од архивите на уметниците и автобиографски записи. Уредник е ликовниот уметник Никола Пијанманов, велат од „Транзен“.

Хронолошко-критичкиот осврт во монографијата е на историчарот на уметноста Марјан Минов.

-Големи беа предизвикот и честа да се работи на ваков научен труд, затоа што струмичката ликовна уметност има свои длабоки корени и традиција, но и артистички квалитет, кој на моменти го надминува локалното ниво. Ваквиот монографски труд, со кој се реафирмираат струмичките ликовни уметници и нивните дела ќе им остави цврст фундамент за истражување на наредните генерации историчари на уметност, рече Минов.

Монографијата е издадена во соработка со Општина Струмица, а е финансирана од „Цивика Мобилитас“ и манифестацијата „Струмица град на култура 2021 година“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 21:18