Мирен, стабилен, безбеден и просперитетен Медитеран е стратешки приоритет за ЕУ, пишуваат деветте земји од ЕУМЕД-9 во заедничката декларација од денешниот Самит, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефовите на државите и Владите од Франција, Кипар, Шпанија, Хрватска, Словенија, Италија, Малта, Португалија и домаќинот Грција, во декларацијата по нивниот состанок во Атина, се осврнуваат на Медитеранот, кипарското, мировниот процес на Блискиот Исток, случувањата во Авганистан, како и прашања поврзани со Европската агенда и теми што ја засегаат ЕУ, меѓу кои и пандемијата, но и миграцијата, како и климатските промени.

Пишуваат дека земјите од јужна Европа функционираат како „столб на стабилност во регионот со заеднички пристап во однос на предизвиците и со заедничка визија за иднината на Медитеранот, но и на Европа во целина“.

Паралелно ги повикуваат земјите од регионот да ги почитуваат суверенитетот и суверените права што земјите членки на ЕУ ги имаат во однос на морските зони согласно меѓународното и морското право.

Во заедничката декларација деветте земји истакнуваат дека една од главните меѓународни стратешки предизвици со кои се соочува Европската Унија е како да одговори на мигрантските бранови.

-Инструментализацијата на миграцијата за геополитички цели е нехумана и ги крши човековите права. Несомнено, соработката помеѓу ЕУ и трети земји е клучна за управување со мигрантските бранови, за спречување на криумчарењата мигранти и трговија со луѓе и е суштинска компонента на надворешната димензија на мигрантската политика на ЕУ, пишува во декларацијата.

Следниот самит на деветте медитерански земји членки на ЕУ ќе се одржи во Шпанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2021 00:21