Познати шаховски имиња од Европа во наредните седум дена ќе ги одмерат силите на 36. Европски клупски куп во шах, што од денеска до 24 септември ќе се одржува во Струга во организација на Шаховската федерација на Македонија.

Земјава, како што информира претседателот на Шаховската федерација Александра Гакидова, по трет пат е домаќин на ваков голем настан. Сите европски држави, според неа, се застапени преку своите најсилни клубови, засилени со шахисти од целиот свет.

– Имаме учесници од Русија, Украина, Шпанија, Франција, Исланд, Норвешка… Го очекуваме да дојде и светскиот првак во шах Магнус Карлсен, еден од најдобрите играчи на денешницата. Учествуваат голем број играчи, велемајстори од Европа и навистина ни е драго што ни се гости, изјави Гакидова.

За Федерацијата, додаде, чест и голема одговорност е да се има ваков куп во земјата.

– Македонија е позната како добар организатор, досега имаме организирано многу европски шаховски настани и ова е уште еден предизвик да покажеме дека можеме и да докажеме дека имале право зошто веруваат во нас и ни доделиле организација на ваков голем настан, истакна Гакидова.

Чест и задоволство што клупската шаховска елита е собрана во Струга е и за директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.

– Вакви велемајстори, познавачи на шахот машки и женски досега не се собрале на едно големо натрпеварување во Струга. Задоволството е наше што ова се случува тука и се надевам дека ќе ги претставиме Струга и Македонија во најдобро светло. Ова е голем настан, доаѓаат шахисти од цела Европа и се надевам дека ќе си поминат добро, изјави Мојсовски, кој како фан на Магнус, го очекува неговото пристигнување и размена на искуства со учесниците.

На официјалното отворање на купот, синоќа, присуствуваше и градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко, кој ги поздрави присутните, со ветување дека спортот ќе биде приоритет во работата на Општината.

– Од денеска Струга станува важен дел од картата на шахот. Спортот ќе биде еден од нашите главни приоритети за следниот мандат и важните настани како денешниот ќе бидат заеднички за овој прекрасен град, рече Мерко.

На Европскиот клупски куп во шах ќе учествуваат 46 клубови, меѓу нив 85 велемајстори и повеќе од 180 титулирани играчи. Во групи од по шест играчи во машка конкуренција и по четири во женска ќе се одржуваат по 100-тина натпревари дневно.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2021 16:57