Англискиот фудбалски второлигаш Дерби Каунти, на чија клупа седи најдобриот стрелец во историјата на Гордиот Албион, Вејн Руни, поднесе барање за стечаен управител во клубот поради големи финансиски проблеми, јавија денеска британските медиуми.

Сопственикот на клубот Мел Морис изјави дека до барањето за стечај придонеле неколку фактори, меѓу кои неуспехот да биде пронајден нов купувач, како и негативните ефекти предизвикани од пандемијата на коронавирус.

– Имајќи предвид дека пандемијата имаше значително влијание врз нашите приходи, клубот веќе не е во можност да ги извршува своите дневни финансиски обврски. Раководството нема друг избор освен да прогласи стечај со цел да го заштити клубот, соопшти Дерби Каунти, кој автоматски ќе биде казнет со одземање 12 бодови во актуелната сезона во англискиот Чемпионшип.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2021 01:40