На третата фестивалска вечер на Деновите на македонска музика 2021 ќе биде изведен камерниот концерт со наслов „Виртуози“ на кој ќе настапат виолинистот Владимир Костов и пијанистката Марија Вршкова. На програмата се дела од македонските композитори Гоце Коларовски, Благоја Ивановски, Филип Иванов и Никола Коџабашија.

Владимир Костов студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истот профеоср, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД).

Владимир Костов повеќе пати по пат на аудиција е избиран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, со кого настапува на турнеи во Европа, Америка и Азија, соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Џејмс Енес, Даниел Милер шот). Со овој оркестар има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот Национален Арт Центар Отава, Линколн Центар, Универзитетот во Харвард, Берлинска Филхармонија, Гевандхаус во Лајпциг, Келнска Филхармонија, Концертхаус Берлин , Концертхаус Виена, Шпанија, Полска, Кина итн. Настапува и со оркестарот Исток-запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.

Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои и Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио „ВАМ“ редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика, Кон Темпора. Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија меѓу кои „Денови на македонска музика‘’, „Есенски музички свечености’’,,,Охридско лето‘’ , „Скопско лето’’ , „Битолско културно лето’’ , како и на сцените во Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска, САД… Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар ,,Nо Borders’’ каде во концертната турнеја 2021 настапува и како сoлист. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“. Моментално работи како концерт- мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

За Марија Вршкова музичката критика вели дека е уметница која со својата експресивност и’ даде печат на македонската пијанистичка школа на почетокот на 21. век. Вршкова се вбројува во редот на најголемите афирматори на современото и особено македонското музичко творештво.

Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оцена на ниво на универзитет, со CUM LAUDE (класа на проф. Тодор Светиев), каде ги завршува и магистерските студии. Во текот на студиите е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а како најзначајна меѓународна се истакнува третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Вршкова учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.

Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала повеќе од 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела на македонски и странски автори. Реализирала неколку камерни ЦД-а со истакнати македонски уметници (Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков), а во 2010 го издава своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Бугарија, Србија, Полска, Грција и Австрија, на фестивалите „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Хераклејски вечери“ и други. Како врв во нејзината досегашна уметничка дејност и наградата за уметничко достигнување доделена од страна на меѓународното жири на интернационалниот „Охридски бисери“ во 2009 година и трите награди „Виртуози“ за најдобар изведувач за 2013 година и за најдобар камерен состав во 2015 и 2016 година. Работи како вонреден професор при ФМУ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 10:53