Дадов наредба до грчката амбасада во Анкара да достави демарш за нелегален риболов од турските чамци во нашите територијални води, напиша на „Твитер“ министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, споделувајќи го соопштението од грчкото МНР за новиот демарш од Грција до Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР соопштуваат дека наредбата од Дендиас е „во рамките на гарантирањето на националниот суверенитет и заштита на европското законодавство“ и додаваат дека нелегалниот риболов во грчките територијални води е прекршување на европското право и е „уште едно прекршување на меѓународното морско право од страна на Турција“.

-Практика на бродовите на турската крајбрежна стража, кои ги придружуваат турските рибарски чамци и ги вознемируваат грчките рибарски чамци е за осуда, напиша Дендиас на „Твитер“ и додаде дека Турција, за жал, продолжува со прекршувањата.

Во соопштението, од Министерството за надворешни работи на Грција истакнуваат дека „грчката страна, посветена на одбраната на своите права согласно меѓународното право, не остава без одговор ниту една провокација“.

Ова е втор демарш од Атина до Анкара за помалку од 48 часа откако во саботата, повторно по наредба на Дендиас биле дадени упатства до грчката амбасада во Анкара да достави демарш поради вознемирувањето од турски бродови на бродот за истражување „Nautical Geo“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 13:18