Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција зазема водечка улога во борбата против исламофобијата во меѓународните платформи, јави агенција Анадолија.

– Се бориме против посмртоносен и поподмолен вирус. Овој вирус, кој е исто толку опасен како и коронавирусот, се нарекува исламофобија. Исламофобијата се претвори во деструктивен тренд што го загрозува мирот, рече Ердоган на собирот организиран од турско-американскиот национален управен комитет во Њујорк.

– Овој вирус се шири многу брзо во земјите кои со години се прикажани како колевки на демократијата и слободата, рече тој.

Ердоган истакна дека исламофобијата се претворила во тренд што го нарушува секојдневниот живот на муслиманите и го загрозува социјалниот мир.

Претседателот на Турција, меѓу другото, ги наведе Организацијата за исламска соработка и ОН, во кои Турција вложува напори за борба против исламофобијата.

– Ние го поддржуваме секој вид напор кој има за цел отстранување на сите закани кон нашата религија и нашите браќа муслимани, истакна Ердоган.

Тој, исто така, ги повика американските муслимани да ја поддржат борбата на Турција.

Ердоган пристигна во Њујорк за да присуствува на 76 -та седница на Генералното собрание на ОН закажана за утре, на која светските лидери ќе ги одржат своите годишни говори.

Претходно, претседателот Ердоган накратко го посети Центарот „Туркеви“ што наскоро ќе се отвори, лоциран на Првата авенија 821 во Менхетен, спроти седиштето на ОН.

Тој рече дека 36 катниот облакодер е „споменик на гордоста“ кој ќе функционира не само како дом за Турците, туку и за муслиманската американска заедница.

Зградата, која има традиционални турски архитектонски мотиви, особено од селџучкиот период, се издига кон небото во форма на лале и може да се види од центарот на Менхетен, Ист Ривер и Лонг Ајленд.

Зградата е дизајнирана како симболичен облакодер што ќе се вклопи во хоризонтот на Њујорк и ќе ја одразува турската култура, историја и разноликост.

Во своето обраќање, Ердоган се осврна и на терористичките организации ПКК, ЈПГ и ФЕТО- чии поддржувачи наоѓаат база во САД.

Тој ги повика членовите на турско-американската заедница да продолжат да ги информираат своите американски колеги за вистинското лице на овие терористички организации.

– Без разлика колку е голема, ниту една лага не може да застане против сонцето на вистината, рече Ердоган и го истакна единството против таквите групи.

Осврнувајќи се на ФЕТО, Ердоган повтори дека станува збор за крвава терористичка организација која го крие своето мрачно лице под маската на измама.

Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, го организираа неуспешниот обид за воен удар во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а повредени беа 2.734 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 23:49