Претседателот на Салвадор, Најиб Букеле, во биографијата на Твитер си додели титула „диктатор“ за да ги исмева неговите политички противници кои го обвинуваат за собирање моќ.

Откако почнаа да кружат гласини на социјалните мрежи за можен хакерски напад на Твитер профилот на Букеле, претседателството на Салвадор соопшти дека младиот шеф на државата сам го напишал текстот.

Букеле (40), кој е на власт од 2019 година, е многу популарен откако ги победи традиционалните партии што владееја со земјата 30 години.

Сепак, неговите авторитарни склоности предизвикаа големи критики од противниците и меѓународната заедница.

Инаку, Букеле на Твитер се дефинираше како „Божји инструмент за историјата“ на Салвадор.

– Тука нема диктатура, има демократија која слободно се изразува во гласачките кутии, рече неодамна тој по повод 200-годишнината од независноста на централноамериканската земја.

Букеле алудираше на неговата победа на претседателските избори во 2019 година и на победата на неговата партија и сојузниците, кои освоија огромно мнозинство на парламентарните избори годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2021 10:59