Новата влада на Либан ја доби довербата на Парламентот на седницата што беше одложена речиси еден час поради прекин на електричната енергија и неисправен генератор.

Како што пренесуваат странските агенции, Владата на Наџиб Микати, формирана на почетокот на септември, по цела година расправии меѓу политичарите и влошување на кризата, ги освои гласовите на мнозинството од вкупно 128 пратеници во Парламентот.

Премиерот Микати, обраќајќи им се на пратениците, најави дека неговата влада „ќе запали свеќа во темнината“ и ќе работи веднаш за да го запре колапсот и да ги ублажи секојдневните страдања на Либанците.

Додека Микати ја читаше изјавата за владината политика, го прекина претседателот на Собранието, Набих Бери, кој побара од него да прескокне некои делови бидејќи не се знае колку време ќе има струја.

Либанците со месеци живеат без доволно електрична енергија, гориво и лекови, а болниците работат со намален обем, додека на пекарите и училиштата им се заканува затворање.

Исто така, се очекува владата да ги продолжи преговорите со Меѓународниот монетарен фонд за спасувачки пакет.

Микати, бизнисмен, милијардер и еден од најбогатите луѓе во Либан, во изјавата за политиката на својата влада вети дека ќе го направи сето тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2021 11:09