Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети изрази задоволство од играта на неговиот тим кој синоќа на гости го победи Удинезе со 4:0 во натпреварот од 4. коло на италијанското првенство.

– Задоволен сум од играта на тимот, како и од индивидуалните квалитети што ги покажавме во текот на натпреварот. Сезоната е долга, но тимот има квалитет. Можеби ни недостасуваат оние играчи кои ќе ни дозволат да направиме замени додека одржуваме високо ниво на тимот. Важно е колку долго можеме да играме на ова ниво, истакна Спалети за „DAZN“.

Екипата на Наполи, за која игра македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, победи на сите четири стартни натпревари во новата сезона во Серија А.

„Наполитанците“ се први на табелата со 12 бода. Удинезе има седум бода и е на осмото место.

Следниот натпревар на Наполи е во Лига Европа, против Спартак на 30 септември во Неапол.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2021 11:48