Министрите за надворешни и европски прашања на ЕУ утрово усвоија заклучоци за Авганистан, откако САД ја напушти оваа земја минатиот месец, ЕУ сака да задржи “минимално“ присуство на терен, јави дописничката на МИА од Брисел.

Додека во Брисел се состануваат министрите за европски работи во рамките на Советот за општи работи, министрите за надворешни работи под водство на шефот на ЕУ дипломатијата во Њујорк исто така разговараат за глобалните предизвици пред кои е исправена Европската Унија.

Министрите во Брисел ги одобрија усогласените заклучоци за Авганистан со заложба да продолжат да ги поддржуваат мирот и стабилноста за авганистанскиот народ. ЕУ се соочува со фактот дека ситуацијата во оваа земја, од која си заминаа американските сили, сега претставува огромен предизвик за Европа како и за целата меѓународна заедница и бара силна соработка и координација со сите партнери, најмногу со Обединетите Нации.

Односите со талибанската влада ќе бидат предмет на условена политика, ЕУ ќе инсистира на пет клучни услови за да соработува со талибанците, меѓу овие услови се и правата на жените, кои се една од најголемите преокупации на ЕУ, се вели во заклучоците.

Поради ова, ЕУ сака да задржи минимално присуство во Кабул зависно од безбедносната ситуација.

Од Њујорк, шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, изјави дека не сака да дава детали за присуството на ЕУ за да се заштити безбедноста на ЕУ и капацитетот за доставување хуманитарна помош до авганистанскиот народ.

-Добро е што имаме начини и средства да бидеме во контакт со авганистанската Влада. Да бидеме во контакт. Да бидеме јасни: да се биде во контакт не значи ништо што претставува формално признавање или легитимитет за техничката влада, изјави Борел, одговарајќи на критиките дека ЕУ се подготвува да го признае владеењето на Талибанците.

За ЕУ е важно да обезбеди сигурно заминување на нејзините граѓани од Авганистан како и за Авганистанците кои сакаат да заминат.

Заклучоците предвидуваат иницирање на регионална платформа со соседите на Авганистан за да се избегнат негативни последици во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2021 13:53